Познатото дело „Салватор мунди“ (Спасител на светот) на Леондардо Да Винчи – инаку најскапата слика на сите времиња, целосно исчезна.
Сликата во 2017-та година беше продадена за вртоглави 450,3 милиони долари и требаше да биде изложена во арапската верзија на музејот Лувр во Абу Даби. Иако од тамошниот секретаријат за култура соопштија дека сликата ќе биде изложена во септември 2018-та година, тоа сепак не се случи.
Се претпоставува дека скапото уметничко дело го купил близок соработник на контроверзниот саудиски принц Мухамед Бин Салман.
Da Vinci's Salvator Mundi is coming to #LouvreAbuDhabi pic.twitter.com/Zdstx6YFZG
— Louvre Abu Dhabi (@LouvreAbuDhabi) December 6, 2017
Наводно, откако принцот Мухамед ја купил сликата, бил жестоко критикуван во арапскиот свет поради христијанскиот мотив – спасителот Исус. Сето ова ги надминало границите на толеранцијата во овие конзервативни земји. Поради тоа, Мухамед наводно и им ја отстапил сликата на семејството Бин Зајед, чиј што прв човек Халифа Бин Зајед Ал Нахјан е претседател на Обединетите Арапски Емирати.
За возврат тој ја добил луксузната јахта „Топаз“ која има должина од 147 метри и нејзината вредност се проценува на околу 450 милиони долари.
Сепак, многумина сметаат дека саудискиот престолонаследник едноставно одлучил да ја задржи сликата на Леонардо Да Винчи за себе.