Советничката на Заев, Љупка Цветкова, доби нова функција – ќе одлучува и за продажба на земјоделско земјиште

1580

Советничката на премиерот Зоран Заев, Љупка Цветкова, која го советува претседателот на Владата за прашања од областа на администрацијата, е именувана и за член на Комисијата за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост.

Одлуката е објавена во најновиот број на „Службен весник“. Таа е именувана со потпис на премиерот Зоран Заев, заедно со уште 6 други лица.

Од Владата потврдија дека Љупка Цветкова, посебната советничка за администрација, е именувана за член на Комисијата за продажба на земјоделско земјиште. „Љупка Цветкова е дипломиран земјоделски агроном со запишани магистерски студии на Факултетот за земјоделство“, стои во одговорот од Владата до „Макфакс“.

Како посебна советничка за администрација Цветкова месечно ќе добива 50.000 денари нето. Од Владата велат дека за новиот ангажман Цветкова ќе добива хонорар во висина од две месечни просечни плати вкупно на годишно ниво. Потврдуваат и дека Цветкова е член на други две комисии во Министерството за земјоделство за кои не добива паричен надомест.