„Имавме понуди од Барселона и Манчестер, но Тонали сакаше само во Милан“

632

Еден од најголемите италијански таленти Сандро Тонали во следните пет години ќе го носи дресот на Милан, ова го потврди претседателот на Бреша, Масимо Челино.

Тој потврди дека Интер бил во пол-позиција да го ангажира 20-годишниот фудбалер од средниот ред, но „нераѕурите“ не испратиле официјална понуда. Бреша одбила многу побогати понуди од Милан за Тонали, како од Барселона и Манчестер јунајтед, но фудбалерот единствено сакал да игра за „росонерите“. Тоа е тимот за кој Италијанецот навива од мали нозе.

„Знам дека Бепе Марота и Антонио Конте го сакаа Тонали, но еве почна новата сезона и не пристигна никаква понуда иако знам дека агентот на фудбалерот веќе ги имаше договорено условите со Интер“, вели Челино. „Веднаш штом Милан покажа интерес, тој не сакаше да слушне за други понуди. Јас лично имам одлични односи со Милан низ годините и со Паоло Малдини брзо се договоривме. Имавме понуди од Барселона и Манчестер јунајтед, но момчето е вљубено во Милан и полуде веднаш штом слушна за понудата, бидејќи тој е нивни голем навивач“, заврши првиот човек на Бреша.

Тонали ќе се пресели во редовите на Милан на позајмица од една сезона за 10 милиони евра, следното лето тимот од „Сан Сиро“ ќе доплати 15 милиони евра за негов целосен откуп, а Бреша може да инкасира и уште 10 милиони, кои се во вид на бонуси.

Челино исто така потврди дека Барселона понудила 65 милиони евра во јануари и ги одбил, како и Манчестер јунајтед кој понудил 45 милиони евра.