Граѓаните со петиција против изградба на висококатници спроти Холидеј Ин

95

Компанијата МГ Фешн најавува дека ќе се гради урбан и зелен комплекс и објекти со тројно намалена катност, место привично планираните 60-катни бетонски облакодери.

За само еден ден околу 5.000 граѓани ја потпишаа петицијата против изградба на висококатници спроти Холидеј Ин во центарот на Скопје. „НЕ“ за изградба на нехумано голем објект на паркингот пред хотел Холидеј Ин – се порачува во петицијата во којашто се наведува дека „бетонски чудовишта ќе се градат на 83.000 квадрати“.

Во објавата на социјалните мрежи се вели дека е предвидено проектот да се реализира во три фази. Во првата фаза изградба на станбен објект со 20 ката и височина од 80 метри, на парцелата на МПЦ. Во втората фаза изградба на станбено-деловен објект со 22 ката и височина од 15 и 88 метри. Во третата фаза – изградба на трговски центар од затворен тип со височина од 15 метри и деловна зграда – кула со 16 ката и височина од 76,5 метри.

„Планот за оваа локација не предвидува зелен простор од 20 отсто во парцела согласно со Законот за урбано зеленило, а несоодветно е решено и движењето на пешаците. Не се знае како ќе се обезбеди заштита на кејот на реката Вардар, односно отвореноста на реката кон просторот. Нејасно е како ќе се обезбеди движење на огромниот број возила по постојните сообраќајници“, се посочува во петицијата. Во неа се отвораат и прашањата како ќе се зачува јавниот простор и зеленилото? Дали за жителите во истата градска четврт ќе може се обезбедат пристојни услови за живот? Дали комуналните и други јавни сервиси ќе можат да ги издржат новите градби?

Уплатени комуналии од 2,43 милиони евра

По одлуката на Уставниот суд за укинување на мораториумот во Центар и очекуваната уплата на комуналиите, практично останува уште добивањето градежна дозвола, по што ќе започне изградбата на висококатници спроти хотелот „Холидеј Ин“.

Како ќе се зачува јавниот простор и зеленилото, сакаат да знаат граѓаните кои се потпишуваат на петицијата

Порталот „СДК.мк“, објави дека сопствениците на земјиштето на просторот кај хотелот „Холидеј ин“ во најстрогиот центар на Скопје наскоро ќе почнат со градење на три згради со катност од 15, 20 и 25 ката. Фирмата „МГ Фешн“ и Македонската православна црква, преку фирмата „Обновители“, уплатиле комуналии во висина од 150 милиони денари или 2,43 милиони евра и тоа 60 отсто на Град Скопје (1,4 милиони евра) и 40 отсто на Општина Центар (1 милиони евра). Претходно, Општина Центар им го одобри идејниот проект за објектите. Со тоа, останува уште инвеститорите да добијат одобрение за градба, со оглед на тоа дека мораториумот за градење во централното градско подрачје веќе не е на сила.

Уставниот суд на 3 март годинава ја укина одлуката за забрана за градба на територијата на Општина Центар и го отвори патот за градење онаму кадешто ДУП-овите беа оспорени.

По реакциите во јавноста, од компанијата МГ Фешн информираат дека неделава ќе биде презентиран проектот којшто е во план да се реализира. Според нив, станува збор за објекти каде ќе се применат најсовремени материјали и дизајн, достоен за 21 век. Тие најавуваат дека на просторот до Холидеј Ин ќе се гради урбан и зелен комплекс и објекти со тројно намалена катност, наспроти 60-катните бетонски облакодери кои првично беа најавени.

Макети и визуелизации

Во меѓувреме во медиумите се споделуваат макети – разни визуелизации на проектот кој е предвиден да се гради на парцелата спроти Холидеј Ин. Од компанијата тврдат дека „визуелизациите кои се споделуваат на интернет и со кои се подгрева отпор кон проектот ни одблиску не кореспондираат со реалниот проект, неговата вистинска слика и вредност“. Тие велат дека сосема спротивно на она што се споделува, станува збор за модерен, целосно еколошки и енергетско ефикасен проект, изработен според највисоки еко стандарди и согласно сите законски прописи во земјата.=

По информациите дека на парцелата кај хотелот „Холидеј ин“, сепак, ќе се реализира изградбата на висококатници, претседателката на ДОМ и пратеничка Маја Морачанин побара сите надлежни институции да го сопрат бетонирањето на „последниот слободен простор во срцето на градот Скопје“.

„Волјата на граѓаните мора да биде испочитувана! Да не дозволиме профитот на поединци да надвладее над јавниот интерес за квалитетен, здрав и хуман живот на граѓаните“, вели Морачанин. ДОМ бара проектот да биде транспарентно прикажан на граѓаните, за сите да знаат што точно се планира; да се почитува Законот за урбанистичко планирање, според кој ДУП мора да биде усогласен со ГУП и да се испита дали се почитува Законот за урбано зеленило, односно за минимум 20% зеленило на градежна парцела.