Гардијан: Над 6500 луѓе ги изгубија животите при изградбата на објектите за Мундијалот во Катар

560
Англискиот весник „Гардијан“ денеска објави дека досега загинале над 6.500 работници при изградбата на стадионот за Светското првенство во Катар следната година.

Гардијан дошол до таа бројка повикувајќи се на извори од Бангладеш, Индија, Непал и Шри Ланка, од каде доаѓа екстремно ефтината работна сила. Според нивното истражување, од 2011 до 2020 година загинале 5.927 работници од тие земји, а други 824 работници биле од Пакистан. Ова се податоци собрани од амбасадите на овие земји во Катар.

Гардијан смета дека вистинскиот број на жртви е многу, многу поголем затоа што нема податоци од Кенија и Филипини и некои други земји од каде што има многу работници. Тие не ги изгубиле животите само на градилиштата на стадионот, туку и на придружните инфраструктурни објекти како што се патишта, надвозници, станици, хотели итн.

“Во Катар има вкупно два милиони увезени работници од сиромашните азиски земји. На градилиштата на стадионот, официјално загинале 37, а останатите на разни други проекти. Работниците живеат во нехумани услови, работат по две смени на ден, и многу од нив извршиле самоубиство. Цели семејства биле уништени, а многу од нив дури и не знаат како ги изгубиле своите татковци, сопрузи и браќа “, се вели во текстот.

Гардијан тврди дека работодавците ја навеле причината за смртта како „природна“ за скоро 80 ​​проценти од смртните случаи, а бројни тела биле пронајдени на градилиштата во распадната состојба, што значи никој не ни прашал каде се работниците кога не се појавиле за работа.

Катар ја добил организацијата на Светското првенство во 2011 година под благо речено сомнителни околности. Објавени се неколку истраги и сведоштва за купување гласови пред гласањето, но досега никој не одговарал, пишува Гардијан.