Француски свештеник: Децата што биле злоупотребувани од свештеници барале нежност

955

Католички свештеник предизвика згрозување во Франција поради сугестиите дека децата жртви на сексуални злоупотреби внатре во Католичката црква можеби, всушност, барале нежност.

83-годишниот Алан дела Морандес поттикна бурна расправа на социјалните мрежи со своите коментари на телевизиска емисија во програмата „Ла Шен инфо“.

На дискусијата во емисијата се расправало за злоупотреби во црквата и неодамнешната пресуда на кардиналот Филип Барбарин поради скривање сексуални злоупотреби на деца од страна на свештеници. Барбарин ја достави оставката до папата Франциско, но тој сè уште не ја прифатил, наводно, поради понатамошни правни процеси.

На прашањето што би можело да се направи за да се спречи педофилијата во црквите, свештеникот рекол:

„Бискупите одлучија дека ќе воведат мерки за превенција. Но, како можеме тоа да го спречиме? Не знам. Педофилијата е психонаучна енигма, која за мене повлекува многу прашања. Секогаш имаме впечаток дека тоа е силување, дека е насилство. Но, јас не мислам дека е секогаш така. Според тоа што го слушнав, детето инстиктивно бара нежност од маж или жена…, а често тоа се деца на кои им недостига нежност (во нивниот живот)“.

Водителката на тоа коментирала дека одговорноста е кај возрасните и дека тие треба да ја постават границата, на што свештеникот имал неверојатен одговор:

„Секако. Но, детето ќе бара нежност. Сите видовте дека детето може да дојде и да ве бакне во уста“.