Остатоците на францускиот борбен авион „Мираж“ кој што синоќа исчезнал од радарите во близина на границата со Швајцарија, се пронајдени во планините, а засега нема никакви траги од пилотите.
„Се надеваме дека ќе ги пронајдеме живи. Засега се водат како исчезнати“, изјави потрпаролот на француските воздухопловни сили, Сирил Дививије на конференцијата за новинарите во Париз, пренесува француски „Фигаро“.
Тој открил дека со двајцата пилоти не бил воспоставен никаков контакт откако авионот исчезнал од радарите синоќа и засега нема податоци дали тие се катапултирале. Според него, механизмот за катапултирање под седиштата не бил активиран. Неименуван воен извор од француската армија за тамошните медиуми изјавил дека се случило нешто чудно.

Дневникот „Л’Ест Републикен“ открива дека падобран и мапа биле пронајдени меѓу остатоците од срушениот авион на надморска височина од 1050 метри. Дивидије потврдил дека била пронајдена ткаенина која што потсетува на падобран, но напоменал дека е прерано да се каже дали станува збор за падобран на пилотите или падобранот на самиот авион.
Авионот исчезнал од радарите за време на тренажен лет при ниски висини, соопштија од француското воено воздухопловство, пренесува новинската агенција „АП“.

Во околината на местото каде што се срушил авионот видливоста била искчучително намалена, имало магла и паѓало снег. Во потрагата се вклучиле припадници на горската служба за спасување, полиција, пожарникари, војници и локални жители.
Дививије изјави дека е тешко да се лоцираат сите остатоци од леталото затоа што зоната каде што се срушил авионот била широка и нагласи дека таквите операции обично траат долго.