Франција забранува диви животни во циркусите и делфини и орки во морските паркови

439

Француските власти најавија дека постепено ќе забранат употреба на диви животни во патувачките циркуси, како дел од новите мерки за заштита на животните.

„Нашиот став кон животинскиот свет се промени“, изјави вчера министерката за екологија Барбара Помпили, најавувајќи и забрана за одгледување на видри поради крзно и чување на делфини и орки во заложништво во морските паркови.

Водечките групи за заштита на животните го поздравија овој потег како историска победа, пишува Би-би-си.

По спроведувањето на новите мерки, во патувачките циркуси повеќе нема да има мечки, тигри, лавови, слонови и други диви животни. Сепак, властите истакнаа дека правилата нема да важат за зоолошките градини.

Помпили исто така рече дека три француски аквариуми повеќе нема да можат да одгледуваат и примаат нови делфини и орки и дека нема да се градат нови морски аквариуми.

Министерката најави пакет од 8 милиони евра помош за циркусите и морските паркови за успешно прилагодување на новите мерки и за изградба на живеалишта за животните кои сега се во заробеништво.