Франција како да се подготвува за војна: Се затвораат музеи и туристички атракции – на улиците пристигнуваат и оклопни возила

797

Француските власти се подготвуваат за можноста од избивање на големи насилства во сабота кога се најавени нови протести во главниот град Париз организирани од „Жолтите елеци“ кои што ги отфрлаат повиците за смирување на ситуацијата.

Деновиве се подготвуваат полициски засилувања, на авенијата Шанзелизе ќе има затворени сектори, а дестина музеи и туристички атракции, вклучувајќи ја и Ајфеловата кула во сабота ќе бидат затворени за посетители.

Францускиот премиер Едуард Филип изјави дека 89 илјади припадници на силите за безбедност ќе бидат распоредени ширум земјата. Од таа бројка, 8 илјади ќе бидат распоредени во Париз, а полициските сили ќе добијат поддршка и од оклопни возила.

„Се соочуваме со луѓе кои што не се тука за да протестираат, туку да демолираат наоколу и сакаме да се подготвиме со сите средства кои што ќе ги спречат во нивната намера“, изјави Филип.

Во Бордо, град на југозападот на Франција кој што исто така е погоден од насилните протести на Жолтите елеци, властите најавија дека ќе бидат затворени десетина јавни и културни простори.

Француските власти во текот на оваа недела сепак попуштија и се откажаа од еколошките такси за горивото кои што го предизвикаа избувнувањето на насилните протести во кои што досега четири лица го загубија животот. Владата најпрвин најави замрзнување на мерките на шест месеци, за потоа целосно да се откаже од нивно воведување.

Оваа одлука беше донесена после големите немири во текот на минатиот викенд кога беа повредени над 100 лица, а над 400 беа приведени. Францускиот претседател Емануел Макрон исто така ги повика сите политички партии и синдикати да испратат јасен повик за мир, по што во еден навистина редок гест на единство на синдикатите, тие одговорија на повикот и вчера ги осудија насилствата.

Лидерот на опозициската десничарска партија на Републиканците, Лоран Вокие исто така побара од Жолтите елеци да се борат против секој облик на изразување на насилство на протестите кои што се закажани во сабота.