Електраната работи со полна пареа: Дали Северна Кореја произведува атомско оружје?

86

Некои сателитски снимки укажуваат на тоа дека Северна Кореја моментално можеби се обидува да произведе повеќе плутониум за атомското оружје во својата главна нуклеарна постројка, откако Ким Јонг Ун во јануари вети дека ќе бидат зголемени активностите на тој план.

Американскиот сајт “38 North” кој ги следи случувањата во Северна Кореја објави сателитски снимки од нуклеарниот комплекс во Јонгбијон кои укажуваат на тоа дека електраната на јаглен во овој објект работи во полна пареа после пауза од две години.

Според експертите, ова можеби значи дека во тек се подготовки за преработка на плутониум кој е потребен за производство на атомско оружје, но исто така тоа би можело да значи дека постројката само се подготвува за управување со нуклеарен отпад.

Претходно во текот на оваа седмица, генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), Рафаел Гроси потврди дека некои нуклеарни постројки во Северна Кореја продолжиле да работат, што е очигледно прекршување на важечките резолуции на Советот за безбедност при Обединетите нации.

Плутониумот е еден од двете клучни состојки за изработка на атомско оружје, заедно со високо збогатениот ураниум.

Комплексот Јонгбијон, северно од главниот град на Северна Кореја, Пјонгјанг има постројки за производство на двете компоненти, но не е познато колку од ова е досега произведено во овој комплекс, како и тоа каде се складира.

Во јануари, првиот човек на Северна Кореја, Ким Јонг Ун вети дека ќе го зголеми нуклеарниот арсенал и обелодени низа на високотехнолошки системи на вооружување насочени против САД. Ким тогаш порача дека судбината на билатералните односи помеѓу двете земји зависи од тоа дали Вашингтон ќе ја повлече својата непријателска политика кон Северна Кореја.