ЕХФ со смешна премија му се „извинува“ на Вардар за елиминацијата од ЛШ!

606

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во минатата недела го исфрли Вардар од шансата да ја брани европската титула освоена лани во Келн, па за утеха на црвено-црните од Виена им стигнува неверојатно смешна премија како „извинување“ за (пре)раната елиминација без игра.

ЕХФ објави дека осминафиналиња и четвртфиналиња во ЛШ нема да има и дека најдобрите две екипи од двете групи ќе играат на фајнфорот во Келн на крајот на декември, додека останатите екипи се елиминирани. Ужасно лошата одлука поради пандемијата со коронавирус сега завршува со уште посмешно парично „извинување“. ЕХФ на сите елиминирани осминафиналисти им дава вкупно 250.000 евра, односно по 25.000 евра на секој клуб од десетте што на „зелена маса“ се исфрлени.

Станува збор за трето, четврто, петто и шестопласираните тимови во двете главни групи, како и за двете најдобри во вториот сегмент во Лигата на шампионите од групите Ц и Д. Тоа што е уште потрагично е дека истата сума на „солидарен фонд“ ја добиваат и сите женски екипи, кои се елиминирани без игра во битката за фајнлфорот.