Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, од лично име и од име на пратениците на Собранието на Република Македонија упати честитка до сите верници од исламска вероисповед поради верскиот празник Курбан Бајрам.
„Курбан Бајрам е празник кој ја симболизира индивидуалната и колективната солидарност и сочувство кон најблиските, кон соседите и кон луѓето кои се помалку среќни од нас. Овој празник е празник на меѓусебната хармонија, взаемната почит и разбирање, меѓутоа и ден за изразување благодарност за сето тоа што со што сме благословени и што е дел од нашиот секојдневен живот. Посакувам овој празник да ве најде во добро здравје, во благосостојба во вашите домови и топлина во семејниот круг“, наведува во честитката Џафери.
Покрај тоа, тој посакува хармонијата и разбирањето да владеат помеѓу сите граѓани на Република Македонија, без оглед на етничката, верската или политичката припадност.
„Заедно, да градиме држава која ќе биде вистински дом со еднакви демократски права, стандарди и вредности за сите наши граѓани“, додава претседателот на Соранието, притоа уште еднаш посакувајќи убаво празнично расположение, добро здравје, успех и благосостојба во семејствата.