Дарко за она што го доживеал во Германија: Бев измамен од куќен пријател, работев на фасади, а бевме сместени во контејнери

709

Десетици илјади луѓе од просторите на екс-Југославија работат на црно во Германија. Некои веруваат дека ги чекаат виза, мед и млеко. Други знаат дека ќе работат на црно, но често се насамарени. Бизнисот на измамници цути

Дино Мехиќ е од оние од ИТ секторот – млади за кои се смета дека им се отворени сите врати надвор од Балканот. Па сепак, Дино не успеал да најде излез од едно мало место во централна Босна и им поверувал на луѓе кои не ги знае, прифаќајќи понуда која, доколку се размисли разумно, звучи премногу добра за да биде вистинита.

Му рекле само да уплати 200 евра за месечно сместување и на свој трошок да дојде во Шпигелау, баварско село на границата со Австрија и Чешка. Ќе го чека, му рекле, соба само за него, дозвола за работа и работа во струката.

Кога конечно пристигнал пред трошната селска куќа во која требало да живее, сфатил дека наседнал на доста евтина измама. Педесетина луѓе од Хрватска, Србија и Бих биле сместени во десетина соби, тука некаде бил и креветот за него, само што „агентите“ овојпат му барале 500 евра месечно.

И уште му рекле дека за средување на документите ќе му одбиваат по 15 проценти од секоја плата. Притоа, никаква ИТ-фирма не го чекала Дино, и тој сфатил дека веројатно ќе заврши на градилиште, обесправен и измамен. Побегнал дома кога „агентите“ сакале да му го земат и пасошот.

Дино воопшто не се вика Дино, а својата приказна за ДВ ја раскажа, како и многу други, под услов да не го откриваме неговото вистинско име. Бидејќи работниците од поранешна Југославија кои работат на црно во Германија најчесто се посрамотени бидејќи биле измамени, но и исплашени да не се замерат со мрежата измамници за кои тврдат дека се добро организирани и потенцијално опасни.

Притоа, секој кој макар еден ден работел на црно го прекршил законот – и доколку за тоа зборува јавно, во најлош случај може да заврши во затвор, а во подобар да добие забрана за патување во Шенген просторот.

Појавата е масовна. Според последните податоци, само во првата половина на минатата година отворени се 65.755 постапки против илегални работници.

До тие интерни податоци на германската Царина, која е задолжена за разбирање на работата на црно, дојде весникот „Велт“, а се претпоставува дека бројот на неоткриени случаи е повеќекратно повисок. На списокот на земји се наоѓаат сите балкански кандидати за членство во ЕУ, со исклучок на Црна Гора. Најголеми црни дупки се градежништвото, рестораните и хотелите.

Локалните весници во Германија се полни извештаи, според кои десетина службеници на Царината ќе обиколат градилиште од кое илегалците панично се обидуваат да побегнат. Претставниците на фирмата која ги изведува работите вообичаено велат дека не знаат ништо и вината ја префрлаат врз подизведувачите. Фатените работници најчесто не знаат што да кажат бидејќи ниту го знаат јазикот, ниту знаат што да прават. Вообичаена мерка е протерување од Германија.

Сето тоа го ризикувал Дарко Секулиќ (26) од Ваљево. За разлика од Дино, кому му го измисливме името, Дарко реши да ѝ се обрати на јавноста и правдата да ја истера и по судски пат. Вели дека бил измамен од куќен пријател кој го одвел во Марибор во фирмата „Слугер“. Пријателот го запознал со двајца косопственици на фирмата, но тројцата ортаци наскоро се скарале поради меѓусебни долгови. Дарко сепак од Словенија заминал за Грац, а потоа во Германија.

„Работев на фасади. Бевме сместени во контејнери. Тоа не личеше на ништо. Четири кревети во еден контејнер. Храната беше наша, во близина имавме продавница и добивавме по 50 евра неделно за храна. Немаше шанси од тие пари да се прехраниме, ги трошев и парите кои ги понесов од Србија“, вели Секулиќ. „Немавме никаков договор, нешто пополнувавме во фирмата, но којзнае што беше тоа“.

„Во тој момент воопшто не размислував, само сакав да се вратам дома, детето имаше седум, осум месеци. Се вратив без ништо…“ Кога за ова објави статус на Фејсбук, му се јавиле, тврди, уште деветмина луѓе насамарени преку истата мариборска шема. Но, стигнале и закани – дека ќе го убијат, дека ќе го пријават за работа на црно…

Но Дарко Секулиќ поднел кри вична пријава и во Ваљево и во Марибор. „Ќе одам до крај, нема да им дозволам да се извлечат. Имам сведоци кои беа, кои работеа…“

Извор: Дојче веле на македонски јазик.