Четири од вкупно 77 компании добитници на грантови за иновации изјавиле дека во сопственичката структура имаат лице носител на јавна функција или член на неговото потесно семејство. Две од изјавите се однесуваат на поврзаност со лица од претходната влада, една е поврзана со сегашниот министер за култура и една со советничката на премиерот, Цветанка Ласкова.
„’Микросам Прилеп“ АД е поврзана со Веле Самак, акционер, министер без ресор, задолжен за странски инвестиции во владата на Република Македонија, функцијата ја извршувал заклучно со 30.5.2017 година. ‘Контура’ ДОО Скопје со Елена Донева, сопственик, член на потесно семејство на Јован Донев, поранешен амбасадор во МНР на Република Македонија, функцијата ја извршувал заклучно со 28.2.2017 година. ‘Т-сенс консалтинг“ ДОО Скопје со Мерита Адеми, малцински содружник, член на потесното семејство на Асаф Адеми, министер за култура во Владата на Република Македонија од 1.6.2018 година. Од страна на компанијата до Фондот е доставено и известување за извршена промена на сопственичката структура, односно бришење на лицето Мерита Адеми од таму. Како дополнение на изјавата, во посебен документ, лицето Христина Керкез, еден од сопствениците на ‘Декодикс“ ДОО експорт-импорт Скопје, декларира поврзаност како член на потесното семејство на Цветанка Ласкова, посебен советник во канцеларијата на претседател на Владата на Република Македонија, иако посочената советничка не е носител на јавна функција“, извести Фондот за иновации и технолошки развој.
Две од команиите добитници на грантови, „ДОО Гинис 3Д Прилеп“ и „Каст инвест“ ДОО Скопје се откажаа и ги повлекоа своите инвестициски проекти. Во сопственичката структура на „Гинис“ се јавува пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец, а во сопственичката структура на „Каст иневст“ се јавува вицепремерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.
Инвестициските проекти на четирите компании кои изјавиле дека се поврзани со функционери ќе бидат повторно доставени на разгледување до Комитетот за одобрување инвестиции според критериумите за селекција и во согласност со правилниците на повикот.
Со компаниите што немаат носител на јавна функција, директорот на Фондот, Јован Деспотовски, за „Макфакс“ изјави дека очекува договорите да бидат подготвени и потпишани до крајот на август.
Исплатата на првата рата ќе биде веднаш по потпишувањето и кога ќе се достави доказ дека компаниите ги уплатиле своите средства за инвестицијата. Следните исплати од Фондот ќе се реализираат квартално, односно кога ќе се изврши контрола и ќе се утврди дека средствата се искористени наменски и во согласност со инвестицискиот план.