Потрошиле милијарди да го урнат, а сега брзаат да му се додворат: Асад го преживеа невозможното, а поради ова почнува трка кој прв ќе ја обнови амбасадата во Сирија

730

Арапските земји планираат повторно да ги отворат своите амбасади во Сирија и тоа што е можно побрзо бидејќи се плашат дека ќе останат надвор од скапите бизниси во обновата на оваа урната земја од војната.

Некои помали заливски монархии, како Обединетите Арапски Емирати, веќе отвориле свои дипломатски претставништва во Дамаск, а други преку посредник водат преговори со владата на Башар ал Асад за обнова на односите. 

“И покрај милијардите потрошени на неговото рушење, сирискиот претседател ја преживеал 8-годишната војна. Сега Асад е подготвен да се врати меѓу арапските држави, што донеодамна било незамисливо”, наведува “AP”.

Како што се наведува, арапските земји веќе знаат дека е невозможно да се урне Асад и се обидуваат да ги обноват врските со Дамаск, за да го ублажат влијанието на Турција, Иран и Русија во Сирија.

Исто така, стравуваат од губење на можноста да добијат свој дел од колачот во обновата на Сирија и користа од големите бизниси во нејзината реконструкција. Арапските центри, како што се наведува, веруваат дека со учеството во обновата на Сирија ќе го вратат влијанието во оваа арапска држава.

Кон крајот на минатата година политичкиот секретар на Палестинската ослободителна организација – PLO, Анвар Абдул Хади, укажал на напорите на меѓународно и регионално ниво, посебно од Ирак, Египет, Оман, Кувајт, Алжир, Тунис и Судан и Мавританија, на официјалната влада на Сирија повторно да и се додели место во Арапската лига.

Кога по ослободувањето на југот на земјата бил отворен граничниот премин со Јордан, Сирија повторно станала главна транзитна насока за трговија меѓу Либан и Турција со Јордан и земјите од Персискиот залив.

На почетокот на октомври 2018-та година Башар Ал Асад соопштил дека неговата земја се ближи кон крајот на борбата против тероризмот и наскоро ќе ја врати својата темелна улога во арапскиот свет. Од тогаш претставниците на многу западни и арапски земји ги започнале своите патувања во Сирија, за да го подготват теренот за полесна обнова на дипломатските односи со Дамаск, посебно на полињата на дипломатијата, економијата и индустријата, објаснил тогаш сирискиот претседател.

Иако терористите не се целосно поразени на целата територија на земјата, во тек е работа на обнова на земјата, а најголема улога во актуелното работење имаат Русија и Иран, веројатно и Кина, иако Пекинг не изнесува детали за своите бизниси со Сирија.

Франција исто така сака да се вклучи во работата за обнова и се обидува повторно да започне со работа на своите компании кои пред војната имале свои претставништва со Сирија.

“Ако Башар Ал Асад е кандидат на изборите, тогаш тој ќе биде претседател. Сиријците мораат да одлучат за неговата иднина”, рекол францускиот министер за надворешни работи Жан Ив Ле Дриан на прашањето за кандидатурата на Асад на претстојните избори.

Русија, Иран и “неутралната” Кина, секогаш ја поддржувале официјалната влада во Дамаск, а рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, рекол дека сите граѓани на Сирија, вклучувајќи ги и бегалците и привремено раселените лица, би требало да добијат можност да гласаат за идниот лидер на Сирија.