Бугарите едвај чекаат да (за)играат во иста лига со МЗТ, Работнички, Гостивар… (ФОТО)

58

Дури две третини од анкетираните на “ББол.бг“, еден од најреномираните кошаркарски сајтови кај источниот сосед, се изјаснија дека се согласуваат со идејата за формирање заедничко натпреварување на екипи од Бугарија и Македонија, која вчера ја „начна“ првиот човек на бугарската кошарка, Георги Глушков.

Поранешниот член на НБА-екипата на Феникс санс испрати писмо до првиот човек на КФМ, Перо Антиќ, во кое побара разговори за формирање заедничко натпреварување помеѓу тимовите од двете соседни земји, нешто што и претходно беше иницирано од нашиот Исток. Неофицијално, веќе е и разработена шема за тоа како би изгледала заедничката лига, во која, според првичниот предлог, би настапувале по шест екипи во секоја држава, кои прво би играле 22 кола според системот „дома-гости“,а потоа и плејоф во кој би влегле најдобрите осум тима. Четврт-финалето и полуфиналето би се играло до три победи, а големото финале до четири победи.

Интересот, повторно неофицијално, не е само кај вљубениците во кошарката туку и кај челниците на речиси сите бугарски прволигаши, кои се свесни дека може само да добијат искуство плус во настапите против најдобрите македонски екипи како МЗТ Скопје, Работнички, Гостивар… Предлогот на Глушков, пак, всушност е само обновување на иницијативата која почна пред две години, кога членките на Собранието на Бугарската кошаркарска федерација (БКФ) во јуни 2018 година донесоа одлука за организирање на бугарско-македонска лига во која би настапувале екипи кои не се дел од натпреварувањата на АБА и на ФИБА.

Сега вакво ограничување не спомнато, па останува да се види дали и кога Антиќ ќе го достави овој предлог од својот бугарски колега на разгледување пред македонските клубови.