После цели 24 години имаме неприкосновен шампион во тешка категорија.
Тоа е украинецот Александар Усик, кој на долгоочекуваниот дуел успеа да го победи Тајсон Фјури со поделена одлука од судиите по 12 рунди непоштедна борба. Шоуто се одржа во преполната “Кингдом” арена во Ријад (Саудиска Арабија).
Стартот од борбата му припадна на Усик. Беше поагресивен во почетната фаза но, во шестата рунда украинецот делуваше дека е далеку од победата бидејќи беше сериозно разнишан од “the Gypsy king”. Сепак, во деветата рунда, Усик покажа зошто е сметан за еден од најсилните борци во својата генерација. Боксуваше фантастично и го доведе Фјури близу “нокдаун”. Многумина од експертите коментираат дека по огромниот број на удари кој ги прими британецот, судијата можеше тука и да ја прекине борбата. Фјури делуваше дезориентирано и на некој чудесен начин успеа да се задржи на нозе.
Тајсон Фјури преживеа 12 рунди со што беше комплетиран еден од највозбудливите дуели во последната деценија во тешка категорија. Според експертите бевме сведоци на една од најдобрите претстави во поновата историја каде се потроши и последниот атом енергија. По судирот и двајцата боксери веруваа дека победиле во борбата.
Александар Усик сега е сопственик на титулата во WBC, WBA, IBF, WBO, IBO како и престижниот епитет “линеарен” шампион во тешка категорија. Тајсон Фјури го претрпе првиот пораз во богатата кариера, по што му честита на својот ривал и изјави дека со нетрпение го очекува нивниот реванш.
Димитар Младеновски