Битолската платформа носи милионски буџет, нови репрезентативци, закана за Вардар…

744

Со месеци се зборува, шпекулира, нагодува како ќе функционира ракометна Битола со два клуба и во иднина. Години наназад со солиден буџет РК Пелистер кубуреше со големи проблеми и не изгради солидна база да го направи потребниот скок, кој нивниот сосед Еурофарм Работник го оствари за рекордно време.

Новата платформа за ракометна Битола има прекрасен план, кој ако во целост се реализира, градот под Пелистер треба да се врати на местата на кои се наоѓаше до 2006 година, кога последен пат освои домашен трофеј.

Имено, буџетот на двата клуба во следните пет години ќе изнесува најмалку еден милион евра, од кои 250.000 евра секоја од следните пет години ќе издвојува Општина Битола од својот годишен буџет. Со вклучување на неколку други битолски компании, буџетот планирано е да расте како ќе расте екипата и амбициите.

Првиот клуб, кој ќе го носи името Еурофарм Пелистер, ќе има најголеми амбиции, па дури и да го симне Вардар од тронот. Клубот има за план да ги собере македонските репрезентативци, бидејќи Вардар има сосема поинаква политика, и да доведе само екстра-класа странски ракометари. Така, клубот би се обидел да игра почесто во Лигата на шампионите, а не само изолирано или со „вајлд-карта“. Напоредно со Лигата на шампионите, настапот во СЕХА е императив и цел секоја година. Скоро сигурно е исполената сала во Битола, па дури и на тренинзите како во старите добри времиња во Битола.

Вториот клуб, чиј статус и име не е дефиниран, би бил млада екипа, сочинувана само од македонски ракометари со голема перспектива. Финансиската моќ ќе му дозволи на акционерот да ги собере најдобрите кадети и младинци од државата и со добар скаутинг како во 90-тите, да гради екипа за иднина. Целта е со оваа екипа да работат млади битолски тренери кои напоредно со изградбата на младата екипа, ќе се изградат и како тренери.

Координација меѓу двата клуба веројатно ќе врши спортски директор, стручно лице со акумулирано искуство, а одлуките ќе ги донесува Управниот одбор сочинуван од акционерот и членови на Општината. Планот на хартија изгледа перфектно и ако во целост го исполни, акционерот дефинитивно ќе го обедини градот на ракометот со платформата за спас која ја понуди за купување на клубот.