Арачиново: Жителите нејќат да плаќаат струја и немало да плаќаат во иднина

762

Жителите на Арачиново протестираат против исклучувањето на струја од страна на ЕВН, откако над 600 домови беа исклучени поради неплаќање на сметките за електрична енергија. Предводник на протестот е Скендер Алими, функционер на општинската организација на СДСМ во Арачиново, пишува весникот Вечер.

Во предизборието, Алими во неколку наврати држеше прес-конференции во име на партијата, а во петокот пред своите сограѓани соопшти дека се подготвува буна и уништување на имотот на ЕВН Македонија.

– Ако не ни ја приклучат струјата од понеделник ќе го блокираме целиот автопат. Ако не преземат ништо, нивните бандери кои се на наши ниви ќе ги тргнеме со трактори затоа што ништо не ни плаќаат. Ни кирија ни ништо, порача на протестите Скендер Алими, функционер на општинската организација на СДСМ во Арачиново.

Алими по изборите од 11 декември минатата година, на кои во Арачиново СДСМ убедливо победи со 2.052 гласови пред ДУИ со 1.456, во партиското седиште во Арачиново за медиумите говореше во име на партијата.

-Луѓето во Арачиново сакаат нешто ново. Да има инфраструктура, да има канализација, да имаме водовод и добри училишта. Арачиновци тоа ги интересира моментално. Ни Рајна од Германија, ни Нил од Египет не може да стопира – ќе одат таму каде што им е местото. Тие што се вработени во администрација, гласаа за ДУИ, значи, тие беа принудени да гласаат – истакна Алими.

Истиот активист на СДСМ кој сега не сака да плаќа струја и се заканува дека ќе уништува инфраструктура на ЕВН, имаше и интервју за Телевизија 21, во кое истакна дека СДСМ ќе ги ослободи обвинетите и ќе ги реши случаите “Монструм“ и “Диво Насеље“.

Инаку, Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, својата општинска организација во Арачиново ја формираше по доаѓањето на Зоран Заев на чело на партијата. “Вечер“ за ситуацијата и протестите во Арачиново, испрати и прашања до Центарот за комуникации на СДСМ, но од таму нема никаков одговор.

ЕВН: Броилата не познаваат етничка припадност

Арачиновци со години не плаќаа електрична енергија и беа документирани десетици напади врз вработените во ЕВН кои требаше да ги исклучуваат. Откако ЕВН ги дигитализираше броилата, исклучувањето е далечинско и нема потреба да се оди на терен за некој корисник да биде исклучен. Според еден од соборците на Скендер Алими од СДСМ, токму дигиталните броила на ЕВН се дискриминација врз Албанците.

– Нема дигитал! Дигитал ставаат само кај Албанците – рече еден од постарите учесници на протестот.

Освен враќање на старите броила демонстрантите предводени од функционерот на СДСМ, бараат и сметките на ЕВН да бидат двојазични, на албански и на македонски.

Од ЕВН Македонија, за “Вечер“ велат дека нивната компанија не користи никаква форма на дискриминација кон никој корисник.

-Броилото не препознава етничка припадност. За нас сите корисници се исти и ние зад шифрата на броилото не знаеме кој од која национална припадност е, дали е социјален случај или не, велат од дистрибутивната компанија.

Од таму додаваат дека поголеми сметки не стигнуваат поради новите броила, тие се поставуваат низ целата земја и мерат точно колку што е потрошено. Компанијата, уверува дека сите исклучувања се законски, откако претходно биле испратени опомени за корисниците кои не плаќаат.

-Сметките се толкави колку што има потрошено корисникот, да потсетиме зимата беше со температури и до минус 25 степени. Овие броила не можат да се манипулираат. Тие мерат со голема прецизност, проверена и потврдена со жиг од Бирото за метрологија и се изработени според сите европски стандарди. Броилата се поставуваат на граница на имот како што налага законот со што се избегнува влегувањето во домовите на корисниците каде порано беа тие поставени, велат од компанијата.

На заканите на Алими дека ќе се уништуваат електрични столбови, од ЕВН категорични – за таквите потези следува кривична одговорност.

-Секој кој ќе уништи вакви објекти одговара според законските прописи во земјава. Но, тоа не е најголемиот проблем, проблемот станува многу поголем кога ќе почне санацијата на вака оштетени објекти, таа трае многу подолго од обичен дефект. Корисниците ќе бидат многу подолго време без електрична енергија, и штетата не е само за компанијата, туку и на сите корисници од тој регион-велат од ЕВН Македонија.

Од ЕВН посочуваат дека манипулација се изјавите на поедини водачи на протестите дека нема никој право да ја исклучи електричната енергија. Делот од законот што го цитираат важи за јавни инсталации и никој нема право да оштети јавна инсталација и за тоа одговара според член 291 од Кривичниот законик и може да заработи затворска казна од 6 месеци до 5 години. Но, броилата не се јавна инсталација, тие се приватна сопственост на ЕВН.