Кина регистрираше 7 нови случаи на коронавирусот во последните 24 часа, но здравствените експерти предупредуваат дека опасноста од вториот бран на заразата и натаму е голема.
Здравствениот советник на кинеската влада, Зонг Наншан изјави дека опасноста од избивање на втор бран на заразата и натаму е голема.
„Најголемиот дел од Кинезите во овој момент и натаму се чувствителни на можна зараза со Ковид-19 поради недостаток на имунитет. Соочени сме со голем предизвик, мислам дека во овој момент ситуацијата не е ништо подобра од останатите странски земји“, изјави Наншан.
Тој откри дека локалните власти во Вухан, град од кој пандемијата на Ковид-19 започна да се шири насекаде низ светот ги заташкале клучните детали за обемот на почетната зараза. Тој на 18-ти јануари го посетил градот и тогаш докторите и поранешните студенти го известиле дека ситуацијата е многу полоша од тоа што се прикажува.
Тој се посомневал дека властите во Вухан не му ја кажуваат вистината затоа што официјалниот број на заразени во градот изнесувал 41 дури десет дена по ред.
„Не верував во тие бројки и побарав да ми ги кажат вистинските бројки“, изјави Наншан.

Иако тој признава дека властите од Вухан на почетокот ги прикривале вистинските бројки, Наншан ги отфрла тврдењата дека прикривањето продолжило и откако централните кинески власти ја презеле работата во свои раце.
„Од 23-ти јануари сите податоци беа веродостојни“, изјави Наншан, а потоа се осврна и на тврдењата дека новиот коронавирус бил создаден во лабораторија во Вухан.
Тој откри дека за тоа поеќе пати ја прашал Си Женгли, виролог од Институтот за вирологија во Вухан, која му кажала дека со опремата која моментално ја имале на располагање во Институтот, тамошните научници не можеле да создадат вирус.