Драмски театар со комеморација се прости од актерката Билјана Беличанец, која почина во саботата.
Од актерката, со солзи се простија нејзините пријатели и колеги актери – Драган Спасов Дац, Дејан Лилиќ, Тања Кочовска, Васил Зафирчев, Сашо Тасевски, Снежана Конеска Руси, пренесува „Репортер“.
„Не остави збунети и во болка, не остави да замислуваме што уште можеше да направиш овде. Ти едноставно на сцената беше Билјана Беличанец. Ти на оваа сцената беше мојата Сара, Цвета, Сузана, Билјана Беличанец. Лука и Мона да се гордеете со мајка ви оти имате силна причина за тоа. Отсекогаш сум велел дека овој театар има духови кои ни ја даваат енергијата кога ни е најтешко. Аурата на Драмски театар се збогати со уште еден дух кој ќе биде тука до нас“, рече актерот Драган Спасов-Дац кој се прости со својата колешка на комеморацијата во Драмскиот театар.
Од актерката се прости и Дејан Лилиќ. Тој на комеморацијата раскажа дека бил првиот што ја пречекал Беличанец во Дсрамски, кога таа се вработила во театарот.
„Прв те дочекав на оваа сцена и те испратив од оваа сцена прв. Билјана ти никогаш нема да бидеш во минато време, туку во сегашно време. Оние кои те познаваат, знаат дека ти си голем човек со големо срце. Ти никогаш не глумеше на сцената, ти живееше овде. Бескрајно талентирана, ѕвер од човек. Многу те сакаме сите“, рече тој.
На комеморацијата говореше и актерката Снежана Конеска – Руси.
„Не знам како доаѓа период кога јас станувам твој родител и учител. Можеби те учев како да газиш по трнливиот пат. Ѕвони твојот глас во секоја улога, песна, синхронизација. Сега имам три прашања до тебе: Дали ќе го чекаме Годо? Јас Зорица, Сашо сè уште чекаме од оваа страна, ти од онаа.. Дали ќе ми ја дораскажеш новата театарската драма? А поезијата, кога ќе биде промоцијата. Твојот учител Снешка. Те мислам. Јас те чекам или чекај ме”, рече Конеска.