Анадолу Ефес втора година по ред на европскиот трон

628

Прекрасно финале во “Штарк арена” – Белград. Пред 20.000 гледачи, бранителот на титулата Анадолу Ефес се соочи со Реал Мадрид.

Првото полувреме започна со добра одбрана на двете страни. Цврстата игра не носеше многу поени а во таква ситуација најубаво се снајде центарот на Реал, Валтер Таварез кој постигна 12 поени во првата четвртина. Шејн Ларкин го враќа тимот од Истанбул во игра со шест поени во серија. Мирната рака на ветеранот Руди Фернандез и двете тројки на Ентони Рендолф му носат предност на “кралскиот клуб” на полувремето од +5 (34-29).

Второто полувреме тимот од Мадрид го започна силно и по тројката на Адам Ханга дојде до највиските +9 (40-31). Ефес ја врати енергијата која толку многу им недостасуваше и се врати во игра со серија од 8 поени. На помалку од минута до крајот од периодот, Винсент Поириер влезе во вербален дуел со Џејмс Андерсон по што се разгореа страстите. Следуваше мала пауза па пред решавачкиот период на кој се замина со 42:40 за “лос бланкос”.

Последната четвртина беше неизвесна и возбудлива. Тројката на Василије Мицич и забивањето на Крис Синглтон носи водство од 45:42 за Ефес. Ветеранот Серхио Љуљ го враќа шпанскиот тим во игра но на спротивната страна враќа германскиот центар Тибор Плајс со серија на поени за нова промена во водството. Аргентинскиот репрезентативец, Габриел Дек со тројка го израмнува резултатот на нешто повеќе од две минути до крајот.

Следува тројка на Василије Мицич па по одговорот на спротивната страна, нови поени на феноменалниот Тибор Плајс за 58:55. Положување на Љуљ за -1 (58:57). Во последните секунди од мечот, Шејн Ларкин промашува шут за три но играчите на Реал Мадрид не доаѓаат до топката. Славје за момците на стратегот Ергин Атаман.

Анадолу Ефес две години по ред е шампион на Евролигата. Најдобриот стрелев оваа сезона, Василије Мицич повторно беше водечки со 23 поени и ја доби MVP наградата.

Димитар Младеновски