Новата книга на Боб Вудворд, прославениот новинар на “Washington Post” кој учествувал во разоткривањето на аферата “Watergate”, открива уште еден многу интересен детаљ од бурното владеење на Доналд Трамп во Белата куќа.
Трамп во еден момент ја довел Белата куќа на врв на хистерија, бидејќи за малку ќе прател твит кој во Северна Кореја ќе го прочитале како јасна најава за американски напад, открил Вудворд во интервју за “CBS”.
Овие денови во продажба треба да се појави новата книга на Вудворд – “Страв: Трамп во Белата куќа”. Авторот вели дека е заснована на бројни разговори со инсајдери од Белата куќа и други службеници кои зборувале под услов на анонимност. Тие тврдат дека Трамп со своето неразбирање на светската политика прави хаос и дека би направил непоправливи штети ако не го спречуваат да ги спроведува своите одлуки – меѓу другото, наводно му крадат документи од работната маса за да не може да ги потпише.
Во едно поглавје Вудворд опишал инцидент кој можел да предизвика нуклеарна војна.
“Во неговите драфтови стоеше: “Ќе ги повлечеме нашите луѓе од Јужна Кореја, членови на семејства на 28.000 Американци””, рекол Вудворд и додал дека станувало збор за семејствата на американските војници стационирани на Корејскиот полуостров.
Тој твит, за среќа, никогаш не бил пратен поради повратните пораки добиени од тајни канали од Северна Кореја, дека таму оваа порака би се сфатила како јасен и гласен знак дека САД се подготвува за напад.
“Во тој момент водството на Пентагон се вкочанило од ужас: “Боже мој, имаме доверлива информација дека Севернокорејците овој потег би го сфатиле како нападот да е неминовен””.
“Не знам зошто мора да бидат таму, сакам да ги повлечам”, рекол наводно тој на еден состанок, на што министерот за одбрана Џејмс Матис кратко му објаснил дека мора да бидат таму за да спречат Трета светска војна.
Тензиите меѓу САД и Северна Кореја значително се намалиле по самитот Трамп-Ким на 12. јуни во Сингапур, но до пред половина година тензиите меѓу двете држави можеле да се сечат со нож. Еден од најтензичните моменти била заканата на Трамп од 19. септември 2017. година, дека целосно ќе ја уништи Северна Кореја.
