Хрватската репрезентативна ѕвезда, Лука Модриќ, синоќа ја потврди својата доминација на фудбалската сцена оваа година и заслужено се закити со признанието „Златна топка“ за најдобар фудбалер за 2018 според „Франс фудбал“ и ФИФА.
„Мозокот“ на европскиот клупски шампион и светскиот репрезентативен вицешампион веќе долги години ужива во својата фудбалска кариера и слава, но патот за да стане она што е денес, нималку не бил лесен.
На свои шест години, откако неговиот дедо бил застрелан од страна на српската војска, бил приморан да го напушти својот дом во селото Модричи, мало село во северна Далмација, и да живее како бегалец. По нападот на српската војска Лука, заедно со својата сестра Јасмина и родителите Стипе и Радојка, решија свое привремено засолниште да побараат во хотел во Задар

Звукот на гранатите и куршимите станало секојдневие за малиот Модриќ, но и покрај тоа тој не ја оставил фудбалската топка и секое утро шутирал на паркингот од хотелот, кој патем немал ниту вода, ниту електрична енергија.
„Кога почна војната, станавме бегалци и тоа беше многу тежок период. Имав шест години. Тоа беа навистина тешки времиња. Јасно се сеќавам на нив, но не е нешто што сакате да го запомните или да зборувате за тоа. Со години живеевме во хотел и имавме финансиски тешкотии, но секогаш го сакав фудбалот. Војната ме направи посилен. Тоа беше многу тежок период за мене и за моето семејство. Не сакам да го влечам тоа со мене засекогаш, но не сакам ни да го заборавам“, истакна Лука во 2008 година.
Токму овој тежок период го направи да биде ментално многу цврст, и секогаш да верува во своите замислени цели. Доказ за тоа е натпреварот против Данска во осминафиналето на Светското првенство во Русија, кога најпрво промаши пенал, но подоцна повторно шутираше и погоди, со што Хрватска го продолжи походот кон историското финале.
Неговите фудбалски почетоци не биле така сјајни. Кога имаше десет години, голем број на тренери не сметале дека од него може да стана светска ѕвезда и често бил отпишуван од школите.

Но, само еден веруваше во него. Тогашниот тренер Задар, Томислав Басиќ ги искористил своите контакти и го пратил Лука на тест-период во Динамо Загреб, каде одушевил со своето фудбалско знаење и веднаш добил понуда за да остане.

Потоа, неговата кариера се движеше по вистинскиот пат. Во 2008 го засили премиерлигашот Тотенхем, а четири години подоцна ја одби понудата на големиот Сер Алекс Фергусон за се пресели во Јунајтед и се реши за трансфер во Реал Мадрид.
