Челзи одлучи: Време е – Лампард се враќа на „Стемфорд Бриџ“!

324

згледа дојде времето за легендата да се врати дома. Френк Лампард повторно во Челзи, овојпат како тренер!

Веста најпрво ја лансираа италијанските медиуми во вид на информација дека Маурицио Сари ќе го наследи Масимилијано Алегри на клупата на Јувентус, а на истата се надворзаа и Британците, пред се „Дејли Мејл“, кој уверува дека некогашниот играч за врска на „Сините“ е прв кандидат да го замени актуелниот тренер на Челзи. И тоа веднаш по финалето од Лигата на Европа со Арсенал на 29. мај во Баку.

На Сари, според истите сознанија, му истекло времето на „Стемфорд Бриџ“ и само се чека завршување на последниот натпревар во сезоната за да добие отказ. Како и да заврши споменатото финале, дури и да го донесе трофејот во Лондон, поранешниот стратег на Наполи ќе го напушти клубот и можеби ќе се пресели во Италија, а на негово место ќе седне Лампард.

Во Челзи се воодушевени како нивниот поранешен играч се покажа на првата посериозна тренерска работа, бидејќи со скромниот тим на Дерби, без претерани вложувања, најпрво се избори за место во плеј-офот, па потоа и го совлада фаворизираниот Лидс и во понеделник на „Вембли“ со Астон Вила ќе се бори за пласман во Премиер лигата. Со стилот на игра и начинот на кој се претстави себе си во дебитантската сезона (го исфрли и Јунајтед од ФА Купот на „Олд Трафорд“) ги собра симпатиите на јавноста и се очекува да го преземе кормилото на екипата во која играше 13 години.

„Посветен е и ќе биде тренер на Челзи еден ден. И тоа успешен тренер“, смета Тони Дориго, некогашниот дефанзивец на „Сините“ и Дерби Каунти.

„Одлично си ја работи работата, имајќи ги предвид финансиските потешкотии на Дерби. Форсира фудбал каков што сакам да гледам. Подготвен е да учи одново и сигурно дека еден ден ќе дојде до клупата на Челзи“.

Според наводите на медиумите, со Лампард на „Стемфорд Бриџ“ треба да се врати и Џоди Морис, кој седум години играше за Челзи, а во моментов е прв соработник на Лампард на „Прајд Парк“.