Германија од јули идната година ќе ги оданочува засладените пијалаци

11

Владејачката коалиција во Германија постигна договор за воведување данок на засладените пијалаци, чија висина ќе зависи од содржината на шеќер, соопшти денеска Министерството за финансии. Се очекува мерката да биде одобрена на утрешната седница на Владата.

Компромисното решение предвидува две даночни стапки, како и ослободување од данокот за помалите производители, објави ДПА, повикувајќи се на нацрт-предлогот во кој имала увид.

Според документот, од 1 јули 2027 година за пијалаците што содржат најмалку пет грама шеќер на сто милилитри ќе се плаќа данок од 26 центи за литар, додека за оние што содржат најмалку осум грама шеќер на сто милилитри данокот ќе изнесува 32 центи за литар. Производителите што годишно произведуваат помалку од милион литри засладени пијалаци ќе бидат ослободени од данокот.

Данокот треба да ги зголеми приходите во германскиот федерален буџет и да ги поттикне производителите да ја намалат содржината на шеќер во пијалаците и да понудат поздрави производи.

Претходно овој месец Сојузната канцеларија на германскиот канцелар ги стави плановите во мирување, образложувајќи дека нацрт-предлогот се разликува од предлогот на владината Комисија за финансирање на здравството и дека нема доволна поддршка во рамките на владејачката коалиција.

Германската влада очекува данокот да донесе околу 690 милиони евра приходи во 2027 година и 925 милиони евра во 2028 година.

Планот наиде на значително противење во политичките кругови во Германија. Девет министри за земјоделство и за заштита на потрошувачите од германските сојузни покраини, членови на конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и нејзината баварска сестринска партија, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), неодамна го повикаа канцеларот Фридрих Мерц да се откаже од мерката.

Во писмо до Мерц, тие оценија дека данокот би претставувал прекумерно мешање на државата и непотребно би ги зголемил цените на одредени прехранбени производи. (МИА)