На повеќе од 50 локации во сите скопски општини, денеска, продолжува масовната акција за чистење на Скопје. Како што најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во акцијата повторно ќе се вклучат општините, градоначалниците, учениците и граѓаните, кои ќе чистат паркови, улици, пешачки патеки, јавни површини и простори меѓу зградите.
– Повторно со илјадници волонтери, во сите скопски општини, со силна волја да покажеме колкава промена можеме да направиме кога работиме заедно. Ќе чистиме на повеќе од 50 локации – паркови, улици, пешачки патеки, јавни површини и простори меѓу зградите. Секое маало е важно. Секој дел од Скопје заслужува внимание, грижа и чиста околина – вели Ѓорѓиевски.
Најави дека ваквите активности ќе се организираат двапати месечно и ги повика граѓаните да се приклучат на акцијата и да дадат свој придонес за почиста животна средина.
– Овие акции ќе се одржуваат двапати месечно. Ќе бидеме упорни, ќе се собираме повторно и ќе градиме традиција на заедништво и одговорност, а вистинскиот успех ќе биде кога грижата за чистотата ќе продолжи и меѓу две акции, секој ден, во секое маало. На неодговорноста ќе одговориме со личен пример. На секое несовесно фрлање отпад ќе му се спротивставиме со свест, истрајност и илјадници луѓе решени да го чуваат својот град. Но, и со одговорност – истакна Ѓорѓиевски.
Од Град Скопје информираат дека граѓаните за точните локации и начинот на приклучување на акцијата треба да се обратат до својата општина. МИА
















![[ВИДЕО] Немири во Приштина: демонстрантите ги блокираа излезите од Собранието и фрлаа петарди](https://www.mkvesti.mk/wp-content/uploads/2026/10/RPwVF-10310452-218x150.webp)




















