Мицкоски по средбата со Фон дер Лајен: Сакаме да бидеме дел од ЕУ, но бараме процес кој ќе биде фер и заснован на јасни правила

23

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која денеска престојува во официјална посета на Скопје како дел од нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан, во Владата оствари средба со премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски.

По средбата, тие одржаа заедничка прес-конференција на која премиерот посочи дека нејзиното искуство во регионот и континуираната посветеност на европската перспектива, тој високо ги цени.

Средбата ја оцени како отворена, содржајна и насочена кон прашањата кои директно ја определуваат европската иднина.

-Се разбира дека разговаравме за реформите, за динамиката на пристапниот процес, но и за предизвиците кои со години го оптоваруваат нашиот пат кон Европската Унија. Нашата определба како држава е јасна и останува непроменета. Сакаме да бидеме дел од Европската Унија и посветено работиме на таа цел. Истовремено, веруваме и дека дојде време овој процес да добие посилна политичка поддршка од сите европски институции. Нашата европска определба никогаш не била и нема да биде спорна. Она што денес го бараме е процес кој ќе биде фер и заснован на јасни правила. Ние ги завршуваме нашите обврски и спроведуваме реформи што се очекуваат од една земја, понекогаш на време, понекогаш малку и доцниме, но сепак ги завршуваме, како земја која што сака да стане членка на Европската Унија, рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека со претседателката на ЕК разговарал отворено и за предизвиците што Македонија ги има во односите со источниот сосед.

-Нашата земја е тие прашања да се надминуваат низ дијалог, во добра волја и со взаемно почитување.  Исто така на денешната средба зборувавме и јас тоа го напоменав дека очекуваме да биде вклучена и Европската Унија во овој процес. И не бараме од Унијата да завзема страна, бараме да помогне во создавање на услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема да биде отворен за нови билатерални условувања. Секое решение мора да создава сигурност дека со неговото исполнување се затвора една фаза и се отвора патот кон следната без простор за нови толкувања или дополнителни барања, рече Мицкоски.

Македонскиот премиер порача дека ако од нас очекуваат одлуки со долгорочни последици, тогаш оправдано е и ние како држава да очекуваме јасна европска перспектива за она што следува потоа.

-Нашата цел не е да го одложуваме процесот туку да создадеме услови тој конечно да се движи напред, на стабилна и одржлива основа. Нашиот европски пат, секако, не се сведува само на политичките прашања што го оптоваруваат процесот. Најголемиот дел од нашата работа е токму тука – дома, во институциите, во економијата и во подобрувањето на секојдневниот живот на граѓаните. Продолжуваме со реформите во владеењето на правото, јавната администрација, подобрување на деловната климадигитализацијата и реформите во образованието. Реформската агенда во рамките на Планот за раст веќе создава конкретни резултати и сакаме оваа динамика да продолжи, порача премиерот.

Мицкоски порача дека Европската Комисија оваа година позитивно ги оцени спроведените реформи што овозможи понатамошно користење на средства од Планот за раст.

-За нас е особено важно европската интеграција граѓаните да почнат да ја чувствуваат уште пред формалното членство, преку поголем пристап до единствениот европски пазар, економски можности, подобра инфраструктурна поврзаност, инвестиции и повеќе можности за младите. Токму затоа ја гледаме постепената интеграција како важен дел од процесот и како начин европската перспектива да стане видлива и конкретна. Планот за раст е поставен токму врз оваа логика: постепено приближување кон единствениот пазар, забрзување на реформите и економска конвергенција со Унијата. Коридорот VIII е добар пример за тоа како европската интеграција изгледа кога од политичка цел се претвора во патишта, железници, трговија и поврзаност меѓу луѓето. Нашата амбиција е јасна: додека разговараме за членството, дома да изградиме држава која според своите институции, стандарди и економски можности веќе функционира како европска држава, рече премиерот.

Денешната средба Мицкоски ја гледа како уште еден важен чекор во насока на поголема доверба, поотворен дијалог и поконкретна соработка со Европската Унија, па лично и се обрати на претседателката на ЕК:

-Нашата цел е јасна! Нашата подготвеност за работа е неспорна и потврдена! Нашите очекувања се разумни и засновани на европските принципи. Сакаме процес што ќе се движи напред. Што ќе создава резултати! Што ќе им даде на граѓаните причина повторно силно да веруваат во европската перспектива. Ви благодарам за денешната посета. За разговорот!
И за личната посветеност кон нашиот регион. Верувам дека со поголема вклученост и јасна политичка волја можеме да направиме реален исчекор, посочи Мицкоски.