Арсовски: Додека здравствените работници немаат заштитна опрема, функционерите на СДСМ потрошиле 8 милиони за репрезентација за 4 дена

98

На повидок е нов скандал овој пат со докази за профитерство на власта во услови на колективна здравствена и финансиска, економска криза. Скандалот профитерство на власта открива фрапантни податоци: Додека граѓаните и стопанството во Република Македонија се справуваат со пандемијата со корона вирусот и додека секој денар е важен во таа борба, Владата енормно троши. Внимавајте за само 4 дена платени се 8 милиони денари од власта под ставка репрезентации, услуги во ресторани и патувања. Имено тоа кое вчера го обзнанивме е само врвот од сантата мраз на неодговорното трошење, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

-Тие 8 милиони денари за 4 дена, се потрошени на следен начин:

За само 4 дена од 17-ти до 20-ти март, во екот на заразата кога стотици граѓани биле заразени и побарале здравствена заштита, кога нема доволно ресурси медицинските лица, кога нема доволно тестови за граѓаните за да се тестираат, биле потрошени 3 милиони 78 илјади и 300 денари на име на репрезентации од страна на функционерите на власта. Функционерите на власта изеле и испиле над 3 милиони денари во време кога ни се случува најголемата здравствена и економска криза. Или ако сакате по денови, 467 илјади денари на 17-ти март, 710 илјади денари на 18-ти март, еден милион и 440 илјади денари на 19-ти март и 459 илјади денари на 20-ти март. Дополнително не се штедело ниту на трошоци на патувања во земјава и странство. Па така има потрошени вкупно 5 милиони 955 илјади 834 денари  или 96.843 евра за патни трошоци, сместувања, хранарина и дневници.  Речиси 97 илјади евра! Да биде апсурдот поголем, најголемиот дел од трошоците по овој основ се направени за патувања во странство, во ист период кога постои забрана за патувања надвор од Република Македонија. Во ова предничат неколку ресори како на пример министерството за надворешни работи на Никола Димитров со 1.457.517 денари и министерството за одбрана на Радмила Шекеринска со 1.042.398 денари. Работата очигледно испадна – Слушајте што зборуваме, а не гледајте што правиме. Почитувани, ова е крајно лицемерие. Само по овие два основи се потрошени 8 милиони денари за само 4 дена! И она што е најлошо, лажат и немаат мака повторно да излажат. Станаа главен извор на лажни вести. Бидејќи Шекеринска кажа дека не потрошила ниту денар преку министерството, ја повикуваме јавно како и нејзиниот колега Димитров да ги објават јавно сите плаќања од министерствата со кои тие раководат. Заев и СДСМ порачуваат работниците, внимавајте оние работници, обични граѓани да го понесат товарот и да им се скратат платите, а тие самите не сакаат да се откажат од своите привилегии кои истите оние работници на кои им ги намалуваат платите, сакаат да им ги намалат платите, преку нивните даноци, работни придонеси и се останато ги плаќаат скапо за да можат овие првите да трошат, истакна Арсовски.

Ако навистина сакаат да се заштеди, наместо да ги кратат платите, нека ги скратат само трошоците кои ги прават за репрезентации, ручеци, пијалоци, дневници и патувања во странство и слични функционерски комоции и ќе има сосема доволно за набавка на заштитните средства за болниците и најзагрозените, додава тој.