Зошто пожарот во Нотр Дам не беше гасен од воздух и дали Французите направија кобна грешка?

1081

Додека целиот свет во понеделникот навечер ја гледаше драмата која се одвиваше во срцето на француската престолнина, многумина се прашуваа зошто пожарникарите изгледаат така немоќно и зошто пожарот не се гаси од воздух.

Од видеата кои што се појавија на интернет се доби впечаток дека никој не се обидува да го изгаси пожарот кој ја зафати катедралата, а дури подоцна можеа да се видат пожарникарските екипи како ги влечат цревата и со големи млазови вода се обидуваат да го изгасат пожарот.

Целата агонија ја следеше и американскиот претседател Доналд Трамп кој изрази жалење, но и ги советуваше Французите дека можеби гасењето од воздух би било поефикасно.

„Страшно е да се гледа масивниот оган во катедралата Нотр Дам во Париз. Можеби летечки водени танкери би можеле да бидат искористени за да се изгаси пожарот. Мора да се реагира веднаш“, порача Трамп на Твитер.

Во меѓувреме, дури 400 пожарникари се бореа со огнената стихија која ја зафати катедралата стара 850 години. После цели девет часа борба со огнот, пожарот беше изгаснат, а главната конструкција на катедралата за среа беше сочувана.

Набрзо пристигна и одговор од париските пожарникари кои објаснија зошто не биле користени хеликоптери за гасење на пожарот од воздух.

„Испуштањето на вода од воздух на ваков вид на градба би можело да доведе до колапс на целата структура. Со хеликоптер или авион, тежината на водата и интензитетот на падот од мала надморска височина би можеле да ја ослабнат структурата на Нотр Дам и да предизвикаат колатерална штета и на околните објекти“, соопштија француските пожарникари на Твитер.

Потоа тие објаснија дека „се користат сите средства за огнот да се стави под контрола, освен користењето на авионите кои „бомбардираат со вода“ и доколку се користат, би можеле да предизвикаат колапс на целата структура“.

За американските медиуми Твитот на Трамп го коментираа и експертите, кои што се согласија со проценката на француските пожарникари.

„Ако катедралата ја погодите со тони вода од воздух, тоа ќе ја сруши целата структура и ќе ја влоши ситуацијата. Ако промашите, ризикувате да погодите цивили на улиците“, изјави Вејн МекПартланд, пензиониран поранешен шеф на пожарникарски баталјон во Њујорк.

loading...