Запалени српски производи на Косово, цените во продавниците скокнаа

237

Жители на Качаник, Косово, објавија видео како палат српски производи по објавата на косовската Влада дека ја зголемува царината на српската стока на 100 отсто. Како што пишува под видеото, производите биле запалени по апелот за бојкот на српските производи.

„По апелот за бојкот на српските производи, некои жители на Качаник одлучија да ги запалат сите производи од Србија. Акцијата почна и е во тек“, пишува во објавата на „Фејсбук“.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, наведе дека некои косовски министри се фотографирале во продавници и се фалеле дека нема ниту еден производ од Србија, објави „Б92“.

Последиците од одлуката на Приштина да воведе царина од 100 отсто на увозот на стока од Србија и Босна и Херцеговина ќе бидат видливи кога ќе се испразнат магацините, а со овие мерки посебно се погодени малите продавници, објавија српските медиуми.

РТС јавува дека лебот поскапел во повеќе делови на Косово, како и брашното, зејтинот, квасецот, солта, шеќерот… Цената на лебот се зголемила за 30 отсто и изнесува меѓу 40 и 50 центи, објави „Б92“.

Поголемите продавници имаат уште стока во магацините, па сè уште не ги чувствуваат мерките. Но, и кај нив се очекува драстичен пораст на цените по празнење на магацините.

Косовската Влада соопшти дека е преполовена доставата на стока и дека мерките почнале да даваат резултат, па веројатно резервите брзо ќе бидат потрошени.