Загорка Тодоровска: Од мај месец денар немам земано, ми викаат снаоѓај се кај знаеш

54

Сосем сама, без струја и вода, а веќе неколку месеци и без „скршена“ пара, високо во планината, во кривопаланечкото село Баратлија, живее 70 годишната Загорка Тодоровска. Таа во мај годинава останала без социјална помош, одземена и била бидејќи имала имот, куќа која во секој момент може да се сруши и нива полна со трње.

-Ми ја земаа социјалната помош што ја земав, сега не земам, земја сум имала, а што е оваа земја трње само, ништо околу мене нема, само диви животни. Од мај месец денар немам земено, не ми дадоа. И јас со што ќе живеам, вели пред камерата на Алфа, Загорка Тодоровска.

Животот на Загорка од ден во ден станува се потежок, досега се снаоѓала со помош од најблиските соседи, но и тие веќе прекинале да и помагаат. Пред камерата на Алфа, вели дека околу неа во моментов се само дивите животни.

-Позајми, барам по куќи. Имаше едни комшии горе, далеку се таму, они ми даваа за леб, за јадење, сега ми викаат снаоѓај се кај знаеш, не ти даваме. Само диви животни околу мене, нема вода овде нема ништо. Се барам заем, кој ќе ми даде заем, нема никој да ми даде, вели Тодоровска.