Време ли е Хрватска конечно да падне?

1031

На ред е првиот вистински тест за Македонија на СП во Германија и во Данска. Од 18 часот денеска играме против Хрватска, еден од фаворитите за прво место во групата во Минхен.

Хрватите не се селекција со која имаме позитивни спомени од големите натпревари. Досега секогаш сме губеле и на првенства и во квалификации со исклучок само на еден меч. На 30 октомври 1997 година Македонија го победи актуелниот олимписки шампион Хрватска, далеку посилен и со многу звучни имиња.

Речиси 22 години подоцна разликата во квалитет не би требало да е толкава, а Македонија веќе е етаблирана во европскиот и светскиот ракомет. И денеска Хрватите се фаворити, дури и имаат испланирани два бода, кои би им недостигале во мисијата да го освојат првото место.

Лино Червар успеа да сочува дел од силите во вчерашниот дуел со Јапонија, Лука Циндриќ не пролеа ни капка пот, а дури и да треба да смени некој од главните играчи има далеку подеблеа клупа од нашата.

И Раул во последните 10 минути со Бахреин ја искористи клупата, давајќи им шанса на младите, зашто јасно е дека денешниот дуел ќе падне на плеќите на тие 7-8 играчи кои имаат најголема минутажа. Кире Лазаров ќе биде главната закана, но ако остане тој главното оружје тогаш нема што да се надеваме. Силата на Македонија треба да биде во непредвидливоста, во искористување на талентот на Кузмановски, на Талески, па и на Чурлевски кога Хрватите најмалку очекуваат.

Тешко е да се изненади Лино Червар, кој Македонија ја знае длабоко во нејзините пори, но кога е тактиката во прашање на Раул му нема рамен. Овој натпревар на Македонија може да ѝ донесе многу, а може да ја загубиме само првата шанса за пласман меѓу првите три.