Вознемирен маж го чекал министерот Филипче пред Министерството: Интервенирала полицијата

725

Членовите на обезбедувањето во зградата на Министерството за здравство ова утро повикале полиција откако забележале дека маж седи на скалите и го чека министерот Венко Филипче.

Како што соопштија од Министерството за внатрешни работи, мажот се сретнал со министерот пред влезот на зградата, кратко разговарале, а потоа си заминал.

Поради ова, веднаш интервенирале полицајци од полициската станица Центар, меѓутоа не бил регистриран никаков инцидент. Откриено било дека станува збор за лицето А.А. на возраст од 33 години, кое кај себе немало оружје.

Министерот Венко Филипче за Слободен печат изјави дека не дошло до напад, туку дека човекот бил вознемирен затоа што бил на мака.

– Рече дека не го примале во болници, па бараше помош. Не дојде до никаков напад, обезбедувањето се вознемирило и повикало полиција превентивно. Граѓанинот дојде со документи и бараше помош за здравствена состојба. Јас го примив, поразговаравме, го упатив каде да оди, си имаше мака, му дадов телефон да ме бара и подоцна да видиме што ќе направи во болница, ни рече Филипче.