Вонредна состојба во Минеаполис: Активирана Националната гарда поради насилните протести, немирите се проширија во други градови

191

На улиците на Минеаполис излегле припадници на Националната гарда на САД по судирот на демонстрантите со полицијата, по повод насилната смрт на невооружениот Афроамериканец Џорџ Флојд во текот на полициска интервенција.

Во градот е воведена вонредна состојба, известува “BBC”.

Протестите во Минеаполис траат веќе три дена, а медиумите известуваат дека демонстрантите вчера насилно ја заземале полициската станица во која работеле полицајците осомничени за насилната смрт на Флојд и ја запалиле.

Полицијата користела солзавец за да ги растера демонстрантите кои уништувале се што ќе им се најде на патот.

Во Минеаполис е прогласена вонредна состојба, а немирите се прошириле во Чикаго, Лос Анџелес и Мемфис.

Гувернерот на Минесота, Тим Волц, вчера ја активирал Националната гарда поради насилните протести во Минеаполис по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флод, во текот на апсењето. Протестите започнале во средата, а бесните учесници при демонстрациите ограбуваат продавници, ги пустошат и ги демолираат.

Градоначалникот Џејкоб Фреј побарал од гувернерот на Минесота да ги прати воените трупи на Националната гарда. Потсетуваме, Џорџ Флојд бил снимен како се гуши додеа во текот на апсењето полицаец со колено му го притиска вратот осум минути.

На снимката се слуша како Флојд го моли полицаецот да го попушти притисокот и се жали дека не може да диши.

Волц вчера повикал на мир и рекол дека насилството претставува “многу опасна ситуација” и ги повикал луѓето да одат дома.

Канцеларијата на американскиот државен обвинител и ФБИ во Минеаполис соопштиле дека спроведуваат кривична истрага за смртта на Флојд и дека тој случај им е приоритет. Претседателот на САД, Доналд Трамп во средата на Твитер напишал дека побарал истрагата да се забрза.

Правдата во Минеаполс ќе биде задоволена, порачала портпаролката на Белата куќа Кејли Мекенини, наведувајќи дека претседателот Трамп добил извештај од министерот за правда и ФБИ.

“Искусните обвинители и агенти на ФБИ се занимаваат со случајот во кој се утврдува дали полицајците ги нарушиле федералните закони”, се наведува во соопштението на Министерството два дена по масовните протести поради смртта на невооружениот Афроамериканец.

Флојд починал во понеделникот – во текот на полициско приведување. Случајот привлекол внимание во јавноста, откако очевидците снимиле и на социјалните мрежи објавиле видео од интервенцијата.