„Во право е д-р Асани што напишал дека сум родила машко дете, тој ниту виде ниту знае што излезе од мене“

887

Дел од небулозите кои што биле испишани во извештајот на лекарската комора која сепак го утврди пропустот во делувањето на д-р Мухамед Асани со случајот на родилката Јилдз Веапоска е и тоа дека напишал дека таа родила машко дете.

Извештајот за родилката е направен пред точно еден месец, на 15 февруари, но досега беше во тајност дури и за Веапоска.

На извештајот е потпишан заменик претседателот на комората за кој во петокот на прес-конференцијата претседателката изјави дека ги бирал докторите кои ќе бидат во надзор, но сепак не признал дека и тој самиот учествувал во тоа.

Инаку, во дадениот извештај не се напишани ниту имињата на петчлената комисија која што истиот го изработила и која не утврдила лекарска грешка при постапување на докторите.

Како што добро знаеме, кон крајот на месец април лани, Веапоска била породена со царски рез и родила здраво женско дете, а во процесот на породување учествувал и д-р Блерим Асани, специјализант и син на директорот Асани.

Родилката Веапоска, по породувањето се жалела на огромна болка во стомакот, а потоа била извршена уште една интервенција со која што ѝ биле извадени здрави органи: бубрег, матка и јајник.

„Во право е Асани што во извештајот напишал дека сум родила машко, бидејќи тој ниту знае ниту видел што излезе од мене, што сум родила, дали машко или женско. Бидејќи мене ме прими син му, кој исто така присуствуваше и на раѓањето на моето прво дете пред пет години, кога се роди син ми, а беше и сега кога се роди ќерка ми. А тоа никаде не се споменува, сите сакаат да го сокријат. Причина е крварење од артерија на лева страна, а мене ми го нема левиот бубрег. Значи ми повредиле крвен сад. И сега кој, го направи тоа? Сама ли ја повредив јас артеријата? Бесими се потпишал на извештајов, а на прес-конференцијата минатата недела вели дека не знаат која е причината. Како и за таа тајна комисија која направила стручен надзор во струшката болница и која не видела лекарска грешка. Срамота“, изјавила Веапоска за „ММС“.