ВМРО-ДПМНЕ од утре ќе ја започне постапката за одложување на пописот на населението, а формалното собирање на потписи oд граѓаните ќе започне идниот месец, најави денеска лидерот на партијата, Кристијан Мицкоски. Тој ја повика власта да не ги изложува граѓаните „на ризик од заразување со ковид-19“ и го повтори предлогот барем да се прифати комплетно електронско спроведување на пописот.
„Имавме седница на Извршниот комитет на која разговаравме за иницијативата за собирање на потписи за одложување на Пописот на населението. Многу земји го одложија пописот, последна тоа го стори и Хрватска. Нашиот апел е ако насила сакаат да спроведат попис, тогаш барем нека го спроведат електронски, со што ќе покажат грижа за здравјето на граѓаните”, изјави Мицкоски, по денешната посетата на Старата скопска чаршија и средбите со занаетчиите.
Според Мицкоски, не е добро ниту решението за комбиниран попис, бидејќи, како што рече, повторно ќе треба попишувач да тропне на вратите од домовите на граѓаните. Од ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваа владејачкиот СДСМ дека од пописот сака да направи политичка, а не статистичка операција, што социјалдемократите го негираат.