ПОУБАВ ЖИВОТ, НОВО ДРЖАВЈАНСТВО: Колку граѓани се откажале од македонското?

339

Минатата година 1621 граѓани се откажале од македонско државјанство.

Овој податок го потврдуваат од Министерството за внатрешни работи.

„Согласно Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр. 67/92 , 8/04, 98/08, 158/11 и 55/16)  во 2018 година 1621 лице добило отпуст од државјанство на Република Северна Македонија. Државјаните на Република Северна  Македонија добиваат отпуст од државјанство на Република Северна Македонија со цел да се стекнат со државјанство на друга држава која предвидела согласно со нивното национално законодавство, поседување само на едно државјанство“, информираат од МВР.

Граѓаните на оваа тема имаат различни мислења. Некои по никоја цена не би се откажале од македонското државјанство без разлика каде ќе одат, затоа што не сакаат потоа да бидат гости во сопствената држава, а други без двоумење би земале туѓо државјанство и би се откажале од македонското за да си обезбедат подобра иднина.

„Јас би се  откажала затоа што нашата држава тоне и тоне. Со две дипоми не најдов работа достојна на моето образование. Јас лично не познавам луѓе кои се откажале од македонско државјанство, но јас тоа би го сторила“, вели Ивана Т.  која сега живее во Германија.

Но, друга студентка која студира во скандинавска земја,  е изненадена од бројката на граѓани кои се откажуваат од македонско државјанство и вели дека никогаш не би се решила на ваков чекор, ниту пак познава луѓе кои се подготвени да се откажат од македонско државјанство.

„Надвор од Македонија секогаш сте странец, и нема поубаво чувство од тоа кога ќе се вратам дома, без разлика на политичката ситуација. Затоа не би се откажала од македонско државјанство. Сакам секогаш да можам да се вратам во Македонија. Познавам Македонец кој беше многу разочаран од промената на името на државата, но не се откажал од државјанство, можеби нема да го замени македонскиот пасош затоа што има странски“, додава оваа девојка.

Но, и во регионот граѓаните се откажуваат од државјанства и заминуваат онаку каде има поголем економски просперитет. Таков е примерот со соседно Косово. За седум години, односно до 2017 година, од косовско државјанство се откажале 37.823 лица. 

Се зголемува бројот на албански државјани, кои се откажуваат од своето, со цел да добијат државјанство главно на некоја од земјите членки на ЕУ. Кај нив од 2009 до 2014 година од албанско државјанство се откажале четири илјади лица, а интересот продолжува со зголемен интензитет.

Од државјанство на БиХ се откажале речиси 78.000 лица, информираа босанските медиуми лани. Само во 2017 година се откажале 4.365 државјани на БиХ од државјанство.