Вибер контакт на Мукоски на 27 април: „Шеќерка мене остајте ми ја, отварајте ги вратите“

1386

Од Вибер групата каде членуваат дел од пратениците и членови на ВМРО-ДПМНЕ, преку која се организирале граѓаните да дојдат во Собранието, лицето потпишано како „колешка Чаир“ во мобилниот телефон на пратеникот Крсто Мукоски, во 18:14 часот на 27 април 2017 година пишува: „Дај боже да влеземе, да ги затепаме ихаааа. Од 13 и 30 чекаме хахахахахахах…“

Во 18:49 часот истиот контакт во групата пишува: „Влезе народот. Влеговмееее, ајде пратеници“.

Во 18:53 часот лицето „колешка Чаир“ вели: „Отворете ги предните вратииии“.

Една минута подоцна истиот контакт во групата пишува: „Шеќерка мене остајте ми ја, отварајте дечки вратите“.

Во 19 и 15 контактот потпишан како „колешка Чаир“ во групата каде што членуваат пратениците вели: „Пуштајте клима, изгинаа луѓево“.

Рочиштето за крвавиот четврток продолжува со читање на СМС и Вибер комуникациите од телефонот на Крсто Мукоски со разговорот помеѓу пратеникот и поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, каде пратеникот се распрашува за снимките од безбедносните камери од Собранието.

Јанакиески до Мукоски на 27 април: Алал вера за денес брат

Од смс и вибер пораките за 27 април кои Јавното обвинителство денеска ги презентира на рочиштето за „крвавиот четврток“ во комуникацијата помеѓу поранешниот министер Миле Јанакиески и пратеникот Крсто Мукоски, во 18.19 часот ексминистерот му вели на пратеникот „Алал вера за денес брат“, на што Мукоски одговара „Фала ти, мора малку да е тензично надвор, за да се префрли фокусот таму, оти тука се сите камери, тензично е. Цело време го прашуваат Заев, неговите што да прават“.

Во 18.38 часот Мукоски му пишува на Јанакиески „Ќе направиме проблем, нека почнат тие први“.

Во 19.10 часот Јанакиески му вели на Мукоски „Качете се дел во прес салата, каде е Заев“.

Претходно на 27 април на почетокот на седницата, Крсто Мукоски го информира Миле Јанакиески дека Заев се јавил за процедурално, на што екс-министерот му одговара „Одете по нив, кај и да се движат“.