Вакцинираните во САД повеќе не мораат да носат маски

520

САД ја укинаа обврската за носење заштитна маска за целосно вакцинираните лица. Претседателот Бајден изјави дека тоа е голем ден за Америка.

„Денеска е голем ден за Америка во нашата долга борба против коронавирусот“, изјави американскиот претседател Џо Бајден, по донесувањето на новите правила од страна на здравствената служба ЦДЦ за укинување на обврската за носење маска за вакцинираните граѓани. Бајден предупреди дека неносењето маски, важи само за оние кои примиле две дози, односно се целосно имунизирани.

Службата ЦДЦ претходно ја објави новата регулатива според која целосно вакцинираните лица не мораат да носат веќе маска не само надвор, туку и во целосно затворени простории. За нив веќе не треба да важат ниту правилата за држење физичка дистанца, единствено во јавниот превоз останува општата обврска за носење маска. Претседателот Бајден истакна дека бројот на случаи на коронавирус се намалил во 49 од 50 сојузни држави, бројот на починати од Ковид-19 е на најниско ниво од април ланската година.

Вчера е надмината и границата од 250 милиони вбризгани дози вакцина од стапувањето на должност на Бајден на 20 јануари. Во САД целосна имунолошка заштита против коронавирус примиле 117 милиони луѓе од вкупно 330 милиони, кај возрасните стапката изнесува 45%. Бајден упати апел до преостанатите Американци да се вакцинираат: „Уште не сме готови, уште губиме премногу луѓе, зашто постојат уште многу невакцинирани граѓани“. Целта на претседателот е до Денот на независноста, 4 јули, да се вакцинираат целосно 70% од сите возрасни американски граѓани.

Џо Бајден повика и на разбирање и солидарност кон луѓето кои и покрај вакциналната заштита не сакаат да се откажат од маските.

„Однесувајте се кон нив пријателски и со почит, имавме премногу конфликти, горчина, гнев, премногу поларизација околу носењето маски. Да го надминеме сето тоа, да се потсетиме: сите ние сме Американци“.

Носењето маски во САД е политички обременета тема, поранешниот претседател Доналд Трамп речиси никогаш не носеше маска и јавно се исмеваше со оние кои ја носеа, за разлика од Бајден, кој интензивно се залагаше за овој начин на заштита во пандемијата.