Дел од новиот дрворед на булеварот Христијан Тодоровски Карпош во Бутел изминатово деноноќие е уништен од несовесни граѓани. Инспектори од Инспекторатот на Град Скопје се излезени на самото место и го истражуваат овој случај на уништување на градското зеленило, а кон сторителите ќе биде изречена казна.
Булеварот Христијан Тодоровски Карпош доби нов дрворед во есенската акција на Град Скопје за садење дрвја во повеќе скопски општини, која што е во тек.
Апелираме до граѓаните да го чуваат зеленилото засадено на јавните површини и во парковите, а кога ќе наидат на вакви и слични вандализми да пријават во Инспекторатот на Град Скопје. Само заедно можеме да го зачуваме зеленилото и да се бориме овој град да биде подобро и поздраво место за живеење.