Трамп: Ова е прекрасен ден за Џорџ Флојд

126

На прашањето на новинарите да објасни на што точно мисли кога вели дека ова е прекрасен ден за Флојд, Трамп заминувајќи само повтори: „Ова е прекрасен ден“.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера одржа прес-конференција за падот на невработеноста во САД, истакнувајќи дека американската економија доживува силен подем како „ракета“ и ветувајќи брзо закрепнување од изолацијата воведена поради пандемијата на новиот коронавирус.

„Сега веројатно се случува најголемото економско закрепнување во американската историја и нема да застане на ова, ќе продолжи“, рече Трамп во Белата куќа. „Никој не го очекуваше ова“, додаде тој.

Трамп рече дека закрепнувањето во вистинската смисла на зборот ќе се случи во текот на 2021 година, инсистирајќи дека САД ќе можат да се справат со пандемијата.

Трамп зборуваше на прес-конференцијата скоро цел час, но не одговараше на прашања од новинарите.

Тој се осврна и на протестите за убиството на Џорџ Флојд.

„Се надевам дека Џорџ нè гледа одозгора и си вели: ‘Ова што се случува во нашата земја е прекрасно’. Ова е прекрасен ден за него, прекрасен ден за сите. Ова е прекрасен ден за сите нас кога станува збор за еднаквоста“, рече Трамп.

На прашањето на новинарите да објасни на што точно мисли кога вели дека ова е прекрасен ден за Флојд, Трамп заминувајќи само повтори: „Ова е прекрасен ден“.

Америка ја тресат масовни протести против полициската бруталност по убиството на Флојд минатата недела, иако последниве денови тие се нешто помалку насилни.

„Еднаквата правда според законот мора да значи дека секој Американец добива еднаков третман во секоја средба со полицијата, дека без оглед на расата, бојата на кожата, полот или верувањето, полицијата мора со нив да постапува фер“, рече Трамп.

„Сите видовме што се случи минатата недела, не можеме да дозволиме тоа да се случува“, рече тој.