Генералот Михајло Апостолски спречи влез на бугарска војска во Скопје

158

Генијалниот генерал Михајло Апостолски не дозволи преобразената бугарска војска да влезе во градот. Да дозволеше, може да замислиме како тоа денеска ќе го претставуваше Софија, рече неодамна Трајко Стаматовски, претседател на боречката организација на Скопје. Генералот Апостолски дури и војска испратил за да спречи бугарски војници да влезат во Скопје.

Само две недели пред интервјуто што премиерот Зоран Заев го даде за бугарска агенција, претседателот на боречката организација на Скопје Трајко Стаматовски рече дека Скопје од германските фашисти го ослободиле македонските партизани. На бугарската војска, која до кратко време пред ослободувањето, беше окупаторот на Македонија, не ѝ било дозволено да влезе во градот.

Заев пак, во интервјуто рече дека за време на Втората светска војна Бугарите на почетокот биле администратори, но потоа се приклучиле на антифашистичкиот фронт, па заедно со македонски војски ги ослободиле Крива Паланка, Куманово и Скопје.

Но, борецот од НОБ Стаматовски на 13 ноември, на одбележувањето на ослободувањето на главниот град на Македонија, пред Споменикот на ослободителите на Скопје потсети на историските настани:

„Генијалниот генерал Михајло Апостолски не дозволи преобразената бугарска војска да влезе во градот. Да дозволеше, може да замислиме како тоа денеска ќе го претставуваше Софија”.

Стаматовски рече дека борците од Народно ослободителната војна многу добро знаат дека војувале против бугарската војска. Товарот на војната го носеа македонските партизани, а посебни заслуги тој му дава на генералот Михајло Апостолски.

„Ние добро знаеме против кого војувавме, колку жртви дадовме. Колку беа храбри нашите партизани. Се бореа за секоја улица, за секоја зграда, за секоја институција. Загинаа 398 борци, меѓу нив и голем број првоборци. За подвизите на диверзантските групи кои ги деминирираа Камен мост, ХЦЕ Матка, за недолжните стрелани скопјани, многупати сум говорел. Овојпат сакам да потсетам на генералот Михајло Апостолски и на неговата далекусежна визија да не се дозволи влез во Скопје на единици од тукушто преобразената бугарска војска. Како ќе се користеше денеска тоа доколку им беше дозволено на Бугарите, можеме да си замислиме. Значи, се имаше чувство како за минатото, така и за иднината. Генералот Апостолки својата генијалност ја покажа многупати, како за време на Февруарскиот поход, или во акциите во источна Македонија, многу многу пати за време на антифашистичката борба”, рече Стаматовски.

Инаку, во сеќавањата на генералот Михајло Апостолски е запишано дека пред ослободувањето на Скопје му била испратена пораката од Отечествено фронтовската бугарска војска дека би сакале да оджат парада во Скопје. Апостолски насетил кон што тоа може да доведе, дека веќе утре довчерашните окупатори на Македонија би можеле да се претстават како ослободители. Наредил вооружена единица да се распореди на приодите кон градот и да спречи влез на бугарски војници.

„Кога го видоа тоа Бугарите, се повлекоа. Ако дозволевме да одржат парада, денес никој не можеше да докаже дека тие, буквално, ни куршум не испукале за ослободувањето на Скопје”.

Но потоа била испратена порака дека би сакале да одржат помен „за бугарските војници паднати во борбите за ослободување на Скопје”.

„И тоа ме налути. Веднаш испратив чета за да го спречи поменот. За каков помен станува збор, на кои паднати бугарски војници?”,запишал генерал Михајло Апостолски.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, на одбележувањето на ослободувањето на Скопје вети дека ќе побара од Советот на Градот новиот мост на Вардар во Аеродром, да го носи името на народниот херој, славниот генерал Михајло Апостолски. Тоа е мостот кој ќе го поврзе бул. АСНОМ со населбата Ќерамидница и ул. 16.Македонска бригада.

За време на бугарската окупација Скопје претрпе огромни загуби. И самиот градоначалник ги спомна жртвите:

„Скопје загуби 4.654 сограѓани, од кои што 956 во борбите, а 3.698 како жртви на фашистичкиот терор, но и дека го загуби и речиси целото свое еврејско население. Орце Николов, Вера Јоциќ, Цветан Димов, Раде Јовчевски Корчагин, Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Даме Крапчев…се само дел од многуте борци коишто ги положиле своите животи за нашата подобра иднина и за слобода на нашето Скопје”, рече Шилегов.