Точка од која нема враќање: Иран за неколку дена ќе ја пробие границата на збогатување на ураниум

696

Иранскиот претседател порача дека овој месец Иран ќе ги надмине ограничувањата на збогатување на ураниум и ќе произведат толку колку што ќе им биде потребно.

Претседателот на Иран, Хасан Рохани порача дека Техеран на 7-ми овој месец ќе го надмине нивото на збогатување на ураниум над тоа кое што е пропишано во иранскиот нуклеарен договор потпишан во 2015-та година.

Оваа изјава на Рохани доаѓа непосредно откако Иран оваа седмица потврди дека ја надмина дозволената количина на ниско збогатен ураниум, чие што ограничување изнесуваше 300 килограми.

„Нашето ниво на збогатување на ураниум повеќе нема да биде ограничено на 3,67%. Отсега ќе збогатуваме ураниум толку колку што ќе сметаме дека ни е потребно, а тоа секако дека ќе биде над 3,67%“, порача Рохани, пренесуваат иранските државни медиуми.

„Сите овие потези можат да се вратат во рок од еден час“, порача иранскиот претседател, очигледно поставувајќи им ултиматум на западните земји да ги отстранат санкциите против Иран, во спротивно Техеран ќе го продолжи процесот на збогатување на ураниум.

Да потсетиме, ураниумот за да се користи за создавање на нуклеарно оружје мора да биде збогатен до околу 90%.