Му, научно позната како Б.1.621, е класифицирана како „варијанта што треба да се следи“ (варијанта од интерес), наведе СЗО во својот неделен билтен за развојот на пандемијата на коронавирусот.
СЗО прецизира дека оваа варијанта има мутации што би можеле да укажат на ризик од отпорност кон вакцините и нагласи дека се потребни дополнителни студии за да се испитаат карактеристиките на овој сој на коронавирусот.
„Варијантата му има група мутации што укажуваат на потенцијални својства на бегство од имунитетот“, се вели во билтенот.
Постои голема загриженост во врска со појавата на нови вирусни мутации, бидејќи стапките на инфекција на светско ниво повторно се зголемуваат, при што предничи високопреносниот делта-сој, особено кај невакцинираните и во регионите каде што антивирусните мерки се олабавени.
Сите вируси, вклучително и коронавирусот САРС-КоВ-2, кој предизвикува ковид-19, мутираат со текот на времето, а повеќето мутации имаат мал или никаков ефект врз својствата на вирусот.
Сепак, одредени мутации може да влијаат на карактеристиките на вирусот, како што се полесно ширење, сериозност на симптомите или ефикасност на вакцините, лековите и други контрамерки.
СЗО во моментов има означено четири „загрижувачки соеви“, меѓу кои е и алфа, кој е присутен во 193 земји, и делта, присутна во 179 земји.
Пет други соеви, меѓу кои е и му, се следат, односно се варијанти од интерес.
Откако беше откриен во Колумбија во јануари, му оттогаш е пријавен во други земји од Латинска Америка и во Европа.
СЗО соопшти дека неговата глобална распространетост се намалила под 0,1 проценти меѓу секвенционираните случаи. Во Колумбија, сепак, таа изнесува 39 проценти.