Спортските обложувалници се жалат на преполовени приходи, бараат итна промена на мерките или финансиска поддршка

52

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) информира дека со новите ковид мерки, со кои за влез во спортска обложувалница се бара сертификат за вакцинација или потврда за прележан ковид во последните 45 дена, драстично е опаднат прометот, според проценките на членките на АСОМ за речиси 50 проценти, што директно значи и намален приход во државниот буџет.

Обложувалниците сметаат дека со тоа е загрозен опстанокот на оваа стопанска гранка и во прашање се доведени работните места на повеќе од 3.500 директно вработени во спортските обложувалници и преку 50.000 вработени во други дејности коишто зависат од работењето на обложувалниците.

„Бараме Владата и Комисијата за заразни болести да направат итна промена на мерките за спортските обложувалници, односно тие да бидат изземени од објектите во кои при влез задолжително треба да се поседува и прикаже сертификат за вакцинација или тест за прележан ковид во последните 45 дена. Во спротивно, бараме итно носење на економски мерки за помош со кои би се помогнало на спортските обложувалници, но и на сите други субјетки кои се соочуваат со истиот проблем, а во насока на поддршка за одржливост на бизнисот и зачувување на работните места“, велат од АСОМ.

Нагласуваат дека целосно ги поддржуваат напорите на Владата за помасовна имунизација на населението, но до тогаш не смее да се дозволи решавајќи еден проблем, да се отворат низа други кои дополнително ја дестабилизираат економијата и бизнисот.

Обложувачниците апелираат до Владата и итно да овозможи он-лајн игри на среќа преку домашните лиценцирани приредувачи кое дополнително ќе придонесе кон поголема безбедност за играчите и ќе помогне во одржување на дејноста која има силен социо-економски придонес во државната економија. Секоја година од индустријата на игри на среќа во државниот и локалните буџети се слеваат повеќе од 250 милиони евра. Тука се вклучени директни и индиректни приходи, придонеси и даноци за плати, закуп на деловен простор.