Соња Златановска живее во Египет: „Жените се разгалени, а од Нил и Црвеното Море не можам да се наситам“

128

Соња вели дека како граѓанин на Египет или го сакаш или го мразиш, нема златна средина, додава дека сообраќајот е ужасен, луѓето на моменти се полни со предрасуди, но дека убавината на оваа земја е неспорна. Искрено ни раскажува каков е животот таму…

Соња Златановска (35) живее и работи како маркетинг директор во Каиро, Египет.

Таа е една од оние луѓе кои смело ги прифаќаат авантурите во животот и имаат храброст да ги живеат своите соништа.

Со неа проговоривме за начинот на живот во Египет:

Колку време живееш во Египет и како се одлучи на ваков чекор?

Првата средба со Египет ми беше во 2016 година кога преку фирмата за којашто работев бев прелоцирана во Каиро на одредено време. Одреденото време прерасна во година ипол одење и враќање, за конечно да се вратам во 2017 во Македонија.

Во 2019 повторно се појави професионална можност во Каиро која ја прифатив. Сега тука сум повторно од февруари оваа година.

sonja-zlatanovska-zhenite-vo-egipet-se-razgaleni-a-od-nil-i-crvenoto-more-ne-mozham-da-se-nasitam-02.jpg

Зошто токму Египет?

Првиот пат Египет ме избра мене, овој пат јас го избрав Египет, поради сето она што го искусив во Египет кога за прв пат дојдов, целиот позитивен хаос, огромниот микс на култури, религии, традиции, фактот дека 102 милиони народ дишат и функционираат во истиот ритам на арапското секојдневие под огромното афричко сонце.

И покрај големата сиромаштија не го имаат изгубено духот, желбата за живот и вербата. Кога секојдневно си соочен со такво опкружување, повеќе го цениш тоа што го имаш и си благодарен за истото секојдневно.

sonja-zlatanovska-zhenite-vo-egipet-se-razgaleni-a-od-nil-i-crvenoto-more-ne-mozham-da-se-nasitam-10.jpeg

Што ти е најомилено во оваа земја?

Уффф, многу работи … сонцето во текот на скоро целата година, палмите ми се најубавата секојдневна глетка, манго, манго, манго… Tрадиционалната храна, иако се обидувам да не ја консумирам толку често, гостопримливоста, луѓето и хуморот кој е доста сличен на нашиот.

И секако Нил, Црвеното море и Медитеранот. Значи речиси сѐ!

sonja-zlatanovska-zhenite-vo-egipet-se-razgaleni-a-od-nil-i-crvenoto-more-ne-mozham-da-se-nasitam-13.jpg

Што те нервира најмногу во оваа земја?

Што се однесува до Каиро, сообраќајот е буквално хорор, начинот на кој возат, иако има правила преферираат да платат казна отколку да ги почитуваат, исто така многу населби се полни со ѓубре и никој не води грижи за тоа.

Жалосно е што не го ценат тоа што земјата го има и нуди и не знаат како да привлечат туристи за разлика од други арапски земји кои нудат многу помалку, а имаат многу поголем број на туристи.

sonja-zlatanovska-zhenite-vo-egipet-se-razgaleni-a-od-nil-i-crvenoto-more-ne-mozham-da-se-nasitam-12.jpg

Какви пријатели се Египќаните?

Одлични пријатели, сочувствителни, отворени за дружба, обожаваат да готват за тебе, не смееш да одбиеш и се јаде сѐ дури можеш да дишеш. Весели се и сакаат да уживаат. Доколку ги почитуваш и си свој, бескрајно ќе те почитуваат и они.

sonja-zlatanovska-zhenite-vo-egipet-se-razgaleni-a-od-nil-i-crvenoto-more-ne-mozham-da-se-nasitam-07.jpeg

Какви се на поле професија?

Од крајност до крајност, како и секаде. Прилично се мрзеливи, не се премногу амбициозни и гледаат сè што прават да го направат на пократок начин. На пример навремено доаѓање на работа е невозможна мисија барем во мојата фирма.

Научени се да функционираат навечер, не преку ден. Самата клима влијае на тоа секако, меѓутоа е и до менталитетот.

Економски поинаку функционираат од кај нас, навиките се поинакви, начинот на живот. На пример, рестораните, кафулињата, баровите, ноќните клубови не се само места за храна и забава, туку и стил на живот и играат огромна улога во економијата на земјата.

sonja-zlatanovska-zhenite-vo-egipet-se-razgaleni-a-od-nil-i-crvenoto-more-ne-mozham-da-se-nasitam-09.jpeg

Какви се во љубовните врски?

Од моја перспектива сметам дека генерално се прилично отворени за арапски свет, овде сè уште важи правилото дека женската половина е стварно понежна, а машката посилна, па така и се однесуваат. Меѓутоа постои и друга група за кои врските се забранети, па доколку момчето и девојката си се допаѓаат, најпрвин треба да направат веридба, односно да ја официјализираат врската со благослов од родителите, за да можат да излезат на состанок.

Се случува да раскинат веридба и повторно да направат нова. Тоа што сакам да нагласам е дека ние имаме мислење односно медиумите претставуваат дека женскиот свет овде е потчинет, апсолутно погрешна слика, женскиот свет овде е прилично разгален и секогаш во поповолна позиција од машкиот.

sonja-zlatanovska-zhenite-vo-egipet-se-razgaleni-a-od-nil-i-crvenoto-more-ne-mozham-da-se-nasitam-03.jpg

На колку години стапуваат во брак? Дали имаат модерни сфаќања?

Нема правила, доколку на времето стапувале во брак со наполнети 20 години, сега е променето. Имаат врски сè додека не почувствуваат дека таа/тој е вистинскиот избор. Момчето ја запросува девојката со прстен по што следи веридба со голема прослава и благослов од родителите и потоа се организира свадба.

Свадбата мора да биде што поголема и погламурозна, што би се рекло „нека пукнат душманите“ и сето ова е прилично скапо. Тоа е всушност и една од најголемите причини за раскинување на веридба, доколку машката страна не успее да купи скап прстен, плати гламурозна свадба, обезбеди место за живеење според замислата на родителите на женската страна.

Иако повеќето се со модерни сфаќањата во однос на брак и семејство, сепак сè уште голем е процентот на родители кои го контролираат бракот. Затоа и стапката на развод е голема.

sonja-zlatanovska-zhenite-vo-egipet-se-razgaleni-a-od-nil-i-crvenoto-more-ne-mozham-da-se-nasitam-04.jpeg

Каква е климата? Се навикна ли лесно?

Јас обожавам сонце така да за мене климата е одлична и лесно се адаптирав. Летото започнува во април, а завршува во ноември. Температурите може да се искачат до 45 степени Целзиусови во Каиро и над 45 на Црвеното Море. Меѓутоа најголемиот проблем не се температурите ,туку влажноста на воздухот.

Јануари и февруари е зима со температура навечер од 10 степени Целзиусови, а до максимум 20 преку ден. Меѓутоа сепак може да биде ладно затоа што има постојано силен ветер во овој период од годината.

sonja-zlatanovska-zhenite-vo-egipet-se-razgaleni-a-od-nil-i-crvenoto-more-ne-mozham-da-se-nasitam-05.jpeg

Колку е различен Египет за доживување како турист и како граѓанин таму?

Многу, нема споредба. Како турист со уплатен аранжман уживаш само во ресортите претежно во Хургада. Доколку е организирана екскурзија до Каиро, посетата е сведена на пирамидите секако, Националниот музеј и Цитадел или палатата на Саладин.

Апсолутно не може да се доживее ниту Каиро, а уште помалку Египет во толку кратко време. Генерално туристите го сакаат Египет затоа што уживаат во луксузните ресорти и посетуваат неколку од најзначајните историски објекти.

Како граѓанин си соочен со секоја позитивна и негативна работа во оваа земја, откриваш нови работи секојдневно, посетуваш многу нови места, учиш постојано и на крај или ќе го засакаш Египет или апсолутно ќе го мразиш, нема средина.

sonja-zlatanovska-zhenite-vo-egipet-se-razgaleni-a-od-nil-i-crvenoto-more-ne-mozham-da-se-nasitam-08.jpeg

Најдобра и најлоша карактеристика на локалците?

Гостопримливи и позитивни, сакаат да помогнат, многу се среќни доколку им се обратиш на арапски, доколку ја сакаш нивната храна или заиграш на арапска музика.

Од друга страна полни се со предрасуди, а со текот на времето научив дека повеќето водат двоен живот, живеат за мислењето на другите, најбитен им е јавниот имиџ и се премногу љубопитни.

sonja-zlatanovska-zhenite-vo-egipet-se-razgaleni-a-od-nil-i-crvenoto-more-ne-mozham-da-se-nasitam-02.jpeg

Како те прифаќаат како дојденец? Има ли многу странци што живеат таму?

Да, има многу странци, од сите континенти коишто живеат и работат тука, дури има и цели населби најчесто населени од странци. Одлично сум прифатена, не сум имала никаков проблем во однос на тоа, напротив овдешните пријатели најчесто го користат тоа што сум странец за подобра маса во ресторан или посета на некој бар без претходна резервација.

sonja-zlatanovska-zhenite-vo-egipet-se-razgaleni-a-od-nil-i-crvenoto-more-ne-mozham-da-se-nasitam-15.jpeg

Омилено место во Египет?

Хммм… многу има, меѓутоа ќе ги издвојам Ел Гуна (El Gouna) модерно туристичко гратче на Црвеното море во близина на Хургада и северното крајбрежје до Александрија на Средоземно море.

Во Каиро омилено место ми е населбата Замалек на островот Гезира кој се наоѓа на самиот Нил. Со душа чекам да го посетам градот на фараоните и храмовите, Луксор, меѓутоа решив тоа да биде со пријателите кога ќе ме посетат за да го истражиме заедно.

sonja-zlatanovska-zhenite-vo-egipet-se-razgaleni-a-od-nil-i-crvenoto-more-ne-mozham-da-se-nasitam-06.jpg

Дали е безбедно да се движиш слободно насекаде?

Во Каиро можеш да, меѓутоа има делови кои не се препорачуваат како странец сам да се движиш иако ми се случило да се изгубам и во такви делови, освен тахикардија ништо друго страшно. Во делот на старо Каиро на пример само се препорачува да бидеш со пристојна гардероба.

Што се однесува до Египет деловите кои не се безбедни се обезбедени со војска и не можеш ни да се приближиш, а тоа е на границите со Израел и Либија, каде и онака е само пустина и буквално на голема дистанца од туристичките места.

sonja-zlatanovska-zhenite-vo-egipet-se-razgaleni-a-od-nil-i-crvenoto-more-ne-mozham-da-se-nasitam-14.jpeg

Какви се цените?

Има огромна разлика на цените од пред неколку години и сега, Каиро а и Египет стануваат сѐ поскапи. Цена на кафе се движи од 2,5 евра, па нагоре, локално пиво е 4 евра, пица маргарита 9 евра. Ноќниот живот е доста скап и претставува еден вид на луксуз. Коктел или пијачка е помеѓу 13 и 15 евра.

sonja-zlatanovska-zhenite-vo-egipet-se-razgaleni-a-od-nil-i-crvenoto-more-ne-mozham-da-se-nasitam-11.jpg

Каде одат Египќаните на одмор? Во кои земји?

Сите летуваат на своја територија, меѓутоа не во туристичките места кои ни се нас познати. Од јуни до септември северното крајбрежје на Средоземното море е најпосетената дестинација, потоа од октомври се отвора сезоната на Црвеното море, најчесто одат на полуостровот Синаи и Ел Гуна.

Од земјите во нивна близина најмногу патуваат во Либан, Јордан и Емиратите. Ја обожаваат Европа, особено Грција и Италија, и сакаат да ги посетуваат тие земји. И секако неизбежен е САД каде исто така често патуваат.

sonja-zlatanovska-zhenite-vo-egipet-se-razgaleni-a-od-nil-i-crvenoto-more-ne-mozham-da-se-nasitam-20.jpg

Што би донела од таму во Македонија и од Македонија би однела таму?

Во Македонија би донела многу работи меѓутоа издвојувам манго дефинитивно, палми со урми и позитивната енергија на овдешниот народ. Од Македонија иако знам дека е клише одговор ама ајвар, бело сирење и смоки, плус малку географско познавање и секако семејството и пријателите.

Можеш ли да замислиш таму да дочекаш пензија?

Секако, во мала куќичка на Црвено море, со чаша вино до мене, палми над мене и Amr Diab со Habibi во позадина.