Сите новитети за гејминг културата на едно место – Посетете го каналот „Escape Game Show“!

560

Играњето видеоигри одамна е многу повеќе од само хоби и начин за релаксација или забава во слободното време. Веќе станува збор за цела индустрија и многу луѓе инволвирани на различни начини. Македонија ги следи светските трендови и има потенцијал за голем развој на оваа индустрија, но за жал , се уште е светлосни години наназад кога заработката од оваа гранка е во прашање. На раце можат да се избројат професионалните гејмери, настани, емисии, работилници поврзани со оваа тема. Ситуацијата е слична и во соседна Србија.

Сепак, меѓу ретките, ако не единствен, кој што и пркоси на оваа статистика и со сите сили се труди оваа нишка да ја социјализира е Константин Ненадов кој зад себе има повеќе од 20 години играчко и професионално искуство. За прв пат јавноста за неговата поврзаност со гејминг индустријата дознава преку рецензиите кои Ненадов ги пишува за магазинот „PC игри“ во издание на Микро книга, каде подоцна станува и автор и водител на емисијата „Силикон“. Во моментов активно работи и се обраќа на гејминг публиката преку својот Јутјуб канал – Escape Game ShoW канал кој е доста популарен и кај нас во Македонија.

Токму ова беше и повод за да поразговараме со Ненадов кој уште на почетокот на разговорот ни откри дека е дете на Југославија, па поради тоа смета дека сите ние кои живееме на овие простори сме „наши“ и сме едно.

Kaжете ни нешто повеќе за вашиот Јутјуб канал – „Escape Game ShoW. Од каде идејата за создавање на истиот? Интересен е моментот што иако живеете во Србија и сте активни таму, каналот е доста актуелен и во Македонија, како и ширум регионов и имате голема публика и кај нас?

Escape Games Show е Јутјуб канал кој се занимава со PC играчката сцена. Фокус на каналот се резензиите за најновите PC игри, гејминг вести, топ листи и сето тоа е зачинето со лајв стримови.

Идејата за вакво нешто ја добив уште пред пет години гледајќи ги гејминг содржините на Јутјуб, тогаш сфатив дека вакво нешто недостасува на овие простори. Тоа многу брзо го забележаа и дистрибутерите на компјутерските игри за Србија, и веднаш потоа почнаа и странските издавачи да ми праќаат игри. 

Јас сум роден во Југославија, воспитуван сум како Југослвен, а не како Србин. За мене граници не постојат и целиот регион го доживувам како едно.

Разликата меѓу Македонија и Србија која гејмингот е во прашање е само во големината на пазарот кој генерално е мал за целиот регион. Не сум запознаен со сцената во Македонија, но среќен сум што меѓу мојата публика се наоѓаат голем број на Македонци кои редовно ме следат, како мене, така и мојата работа.  За себе сметам дека не сум пристрасен и не сум поткуплив и во секоја рецензија се трудам да бидам максимално објективен.

Мојата содржина исто така се гледа и на Sport Klub Esports TV каналот кој се емитува во Македонија, исто како и во целиот регион.

Како и на кој начин ги бирате и класифицирате содржините на Escape Game Show, што се може да се најде и види?

Примарна цел на каналот е презентација на најновите PC игри. Со оглед на тоа дека игрите денес се поприлично скапи, а јас ги добивам бесплатно се трудам преку лајв стримовите и видеата да им помогнам на луѓето да се одлучат дали да купат некоја игра или не и на крајот на краиштата дали таа игра е по нивни вкус. Затоа лајв стримот на мојот канал е специфичен , додека играм комуницирам со гледачите и заедно донесуваме суд за играта. Почнувајќи од графиката, преку звукот па се играноста.

Се трудам и да правам топ листи каде фокусот е на квалитетните бесплатни игри и игрите за постари компјутери како секој би можел да пронајде игра за себе без разлика на цената или моделот на компјутер кој го поседува.

Впечатлив е моментот на каналот, односно содржините за едукација на родители каде лично им се обраќате на нив и им објаснувате што точно претставува гејмингот. Колку гејмингот може да прерасне во зависност кај младите и како и на кој начин родителите тука може да се вклучат и да помогнат?

Имав неколку видеа на почетокот на мојата Јутјуб кариера каде им објаснував на родителите дека игрите кои ги играат нивните деца не се лоши и како и на кој начин да им пристапат. Тоа беше манија кога се појави Fortnite, а после тоа направив видео за уште неколку популарни игри кои се привлечни за помладата генерација,а во тоа ми помогнаа моите две деца благодарение на кои имав информации од прва рака.

Зависноста од компјутерските игри и како да се избориш како родител е сериозна тема и на неа може да и се пријде од повеќе страни. Тешко е тоа да се објасни во неколку реченици.

Зависноста почнува од мали нозе затоа што родителите на бебињата им ставаат мобилни телефони пред очи се со цел полесно да ги нахранат, а потоа им даваат телефон за нешто да гледаат или да играат некоја игра за да бидат мирни. Значи, се почнува од родителите и како тие ќе се постават до нивната 12-13-та година од нивните животи.

Родителот е тој кој мора да ја смисли содржинаѕа на своето дете која треба да вклучува: училиште, учење, дружење, спорт, одмор, правилна исхрана и дигитална социјализација. Тука мора да се направи баланс кој е многу тежок за одржување поради темпото на секојдневниот живот. Едноставно, детете не може да минува премногу време пред компјутер доколку родителот тоа не му го дозволи.

Имате повеќе од 20 години професионално и играчко искуство во гејминг индустријата. Рецензист сте, водител и автор на емисија поврзана со гејмингот. Која е вашата оценка за гејминг сцената во Македонија, ја следите ли истата, до каде сме во однос на Србија, па и светот?

Македонија го има истиот проблем како и Србија, Хрватска или било која друга земја од регионот. Генерално сме мал пазар и нашата потрошувачка моќ е поприлично скромна. Она што не радува е се поголемиот број на гејминг студиа кои почнуваат да прават одлични игри и од година во година ги има се повеќе и се се поквалитетни. Привлекоа внимание на големи странски компании кои се спремни да вложат во нив. Македонија има доста талентирани луѓе кои веќе се важен фактор во создавањето на игрите. Секоја сериозна и голема компанија има студиа ширум планетава. Да ги земеме за пример Ubisoft. Тие имаат студио во Србија, Франција, Канада, Сингапур, Белгија и сите работат на заеднички проекти. Денес имате студио во Србија каде работат луѓе од целиот регион, а замислете што ќе се случеше уште да бевме Југославија.  

Што е она што во моментов е актуелно кога игрите се во прашање, што најмногу се игра?

Игрите доаѓаат и минуваат, но игрите кои се подеднакво популарни независно дали сте во Македонија или Србија се: Counter Strike, League of Legends, GTA, FIFA, Fortnite, PUBG, Minecraft.

Дали можеби планирате да ја проширите приказната „Escape Game Show“, да организирате некои едукативни работилници, саеми и слично, кај нас во Македонија недостасуваат настани од ваков тип кога гејмингот е во прашање.

За жал, такво нешто немам во план затоа што за такво нешто е потребна сериозна организација и да не се лажеме, спонзор, кој би финансирал такво нешто. Во Србија кога се саемите и работилниците во прашање, сликата е поприлично тражна. Постои само еден настан кој се случува еднаш годишно и тоа е се. Српската гејминг асоцијација често организира едукативни работилници кои би требало да бидат промовирани повеќе од страна на медиумите. За нас кои се занимаваме со гејминг и гејмерите малку се зборува, а тоа во светот не е така. Гејминг индустријата е една од најголемите и најпрофитабилни во светот.