Симоновски за пожарот: Операцијата беше сложена, во зградата не работи ниту еден хидрант

126

Во гаснењето на пожарот што настана во зградата на поранешна Комерцијална банка во центарот на Скопје, каде што сега се сместени повеќе државни институции, учествувале вкупно девет противпожарни возила и 24 пожарникари.

Како што информира командантот на противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, пожарот бил пријавен во 6:50 часот, а противпожарните екипи пристигнале пет минути подоцна. Тој рече дека станувало збор за сложена операција.

„Ова е старата зграда на Комерцијална банка и внатре е преградена со повеќе ходници, гипс-каротни и стаклени врати. Во моментот внатре не работи ниту еден хидрант, ниту една хидрантска мрежа. Тоа ни создаде поголеми проблеми бидејќи не можевме да го затвориме пожарот од внатрешна страна, па мораше преку надворешната страна да влеземе со кршење на прозорците. Пожарот го локализиравме околу 8:50 часот“,

вели Симоновски.

Тој вели дека причинител за пожарот најверојатно е електричната инсталација, а пожарот зафатил вкупно шест простории од Државниот инспекторат за животна средина, кој е сместен на првиот кат од зградата.

„Кога влеговме внатре, сè уште имаше електричен напон, ЕВН ја исклучи струјата пред 30 минути, па затоа и го гасневме пожрот во неколку наврати. Во моментот на пожарот сè уште не беа пристигнати луѓето што се вработени во зградата, тоа ни претставуваше проблем бидејќи не знаевме како да влеземе во зградата. Шемата за влез од предната и задната врата ни дадоа вработените од новинската агенција МИА кои пристигнаа после нас“,

додаде Симоновски.

Во пожарот беше зафатен првиот кат и надворешната страна на вториот кат.

Симоновски вели дека повредени немало, а Брзата помош интервенирала за еден од пожарникарите кој почнал да се задушува, но се наоѓа во добра и стабилна состојба.