ШТЕТА: ЌЕ МОРАМЕ БЕЗ МУСОВСКИ ПРОТИВ ГРУЗИЈА!!!

68

Даниел Мусовски (24) нема да може да настапи за Македонија на историскиот дуел на 12 ноември против Грузија во Тбилиси за пласман на ЕВРО 2020. И покрај големата желба од наша страна, максималните напори на ФФМ и селекторот Игор Ангеловски, како и желбата на самиот фудбалер на Лос Анџелес, сепак во ова време на Ковид-19 нема теоретски шанси целата процедура да се заврши на време и тој да биде дел од нашата репрезентација на мечот во Тбилиси.

Се разбира дека ова е огромна штета, ако се знае дека Мусовски игра во супер форма за својот тим во МЛС. Проблемот е во тоа што тој нема наше државјанство, нема македонски пасош. И прво тоа треба да се регулира, па потоа со комплетирање на документите истите да се пратат во ФИФА со цел од таму да се добие виза за Мусовски да може да игра за Македонија. Секако дека тој би требало и да дојде во Скопје каде лично би побарал наш пасош и државјанство. Се разбира да не заборавиме дека тука е 20 часовниот лет од Лос Анџелес до Скопје со неколку преседувања по аеродромите во оваа страшна Ковид-19 криза, но тоа би било најмал проблем ако процедурата за добивање на потребната документација би можела да се заврши што побргу, или во рекордно време.

Па така останува Мусовски да го имаме за наредните мечеви, за тие после ноемврискиот циклус, и секако наша голема желба е да и тој биде дел од нашата селекција на ЕВРО 2020.

Инаку Мусовски до вчера, барем според сајтовите за обложување, беше со знамето на САД, а од денеска покрај неговото име стои македонското. Неговите потекнуваат од битолско, добро го говори македонскиот јазик со битолски акцент, и има голема, огромна желба да заигра за репрезентацијата на Македонија, иако е роден во САД.

По блесокот на градското дерби во “градот на Ангелите“ Мусовски од тамошните медиуми беше оценет со најголема оценка – 8.

Навистина штета. И покрај големите и максималните напори направени од наша страна, но и од негова лично, Македонија во Тбилиси нема да може да смета на напаѓачот и голгетер Даниел Мусовски, новата фудбалска ѕвезда во МЛС.